На католиците може да им се трансплантираат животински органи и ткива за лекување на медицински состојби, соопшти денеска Ватикан, бидејќи процедурите што вклучуваат генетски модифицирани органи од свињи или крави продолжуваат да се развиваат.
Во документ на 88 страници со етички упатства за вакви трансплантации, Ватикан го потврди претходното учење и рече дека Католичката црква нема забелешки за ваквите третмани, под услов да се следат најдобрите медицински практики и животните да не се третираат сурово.
„Католичката теологија нема забрани, врз основа на религиозни или ритуални причини, за употреба на кое било животно како извор на органи, ткива или клетки за човечка трансплантација“, се наведува во документот.
Документот се занимава со прашањето на ксенотрансплантација, односно трансплантација на органи или ткива од еден вид на друг. Ватикан првпат ги одобри ваквите процедури во 2001 година, кога тие беа во многу рана фаза на развој. Трансплантацијата на животински органи кај луѓе е сè уште ретка. Првата трансплантација на бубрег од свиња на човек беше извршена во САД во 2024 година.
Документот на Ватикан, изготвен со помош на лекари од Италија, САД и Холандија, ги повикува научниците да продолжат со трансплантација на животински органи на „целен, пропорционален и одржлив“ начин.
Документот, исто така, ги повикува лекарите да ги откријат ризиците од таквата трансплантација, како што се веројатноста дека имунолошкиот систем на пациентот ќе го отфрли органот на животното и можноста за предизвикување инфекција од микроорганизми.
Фото: архива




