Мерката за намалување на ДДВ од 18% на 10% на нафтените деривати не е задоцнета и со тоа го штитиме стандардот на граѓаните. Ова го оцени заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски во гостување на ТВ 24.
-Мерката за намалување на ДДВ од 18% на 10% во никој случај не е задоцнета. Ги следиме работите, а факт е дека никој, па и од академската фела не знае кога ќе заврши конфликтот. Во Министерството за финансии имаме разработено неколку сценарија заедно со меѓуресорската комисија којашто е состaвена и од претставници од Министерство за енергетика, Министерството за економија и труд, Државниот пазарен инспекторат и Комисијата за заштита на конкуренцијата. Тие сценарија се разгледуваат и остануваат одредени таргетирани мерки коишто би можеле да се применат при евентуална можна ескалација на настаните на Блискиот Исток, рече заменик-министерот.
Тој дополни дека во овој момент е активирана оваа мерка, но дека се размислува и на таргетирани мерки.
-Рано е да се прејудицира, но сепак целта е да се зачува животниот стандард на граѓаните. Имаме листа кои цени се зголемени и во кој обем. Пазарниот инспекторат е на терен и проверува дали влезните инпути ја диктираат таа продажна цена или има некои малверзации. Ги чекаме резултатите. Ако има нелогичности во тоа секако ќе се изречат и одредени казни, рече Јанкуловски и истакна дека на дневна основа ќе се следат состојбите и во зависност од извештаите ќе се одлучи дали ќе се оди и кои таргетирани мерки ќе се преземат се со цел да се зачува животниот стандард на граѓаните. При тоа посочи дека проблем со недостиг на горивата нема и дека во наредните 60 дена нема да се случи.
Потенцира дека Владата од почетокот е во комуникација и со бизнис секторот и со енергетските компании и со производителите на храна и дистрибутерите и оти ова не е адхок решение како во 2021 и 2022 година кога инфлацијата годишна беше 14%.
-Оваа Влада од првиот момент на доаѓање максимално е посветена на фискална консолидација и намалување на инфлацијата. Декември ја завршивме со 4,1%, 3,2% во јануари и 2,9% во февруари. Знае оваа Влада што се презеде за да го намали буџетскиот дефицит од една страна, кој е главен параметар за фискалната консолидација, од 4,4% во 2024 година, 4% во 2025 и доколку случувањата нема да ескалираат се надевам и 2026 да ја завршиме со 3,5%. Со тие параметри за финансиска консолидација и финансиска стабилност, зголемување на приходите, заедно со овие мерки што ги преземаме и ќе ги преземаме во иднина за заштита на животниот стандард, ќе го постигнеме она што сме го предвиделе со ревидираната Фискална стратегија, наведе Јанкуловски.
Во гостувањето истакна дека буџетот е ликвиден и дека Владата сериозно е посветена на економскиот раст. Доколку има екстремни случувања, коишто ќе имаат влијание, Владата реално, одговорно и искрено ќе ги изнесе аргументите доколку има корекција на проекциите коишто се планирани за 2026 година.




