Рускиот претседател Владимир Путин денеска пристигнува во посета на Србија, а според некои проценки, ќе го пречекаат 100.000 српски граѓани.

Граѓани од цела Србија денеска ќе се соберат пред Палатата Албанија, во центарот на Белград, а потоа ќе заминат до храмот Свети Сава, каде што ќе го дочекаат рускиот претседател Путин, а многу граѓани ќе го поздрават од терасите кон Палатата Србија, каде што ќе му биде приреден свечен пречек.

Така ја опишуваат белградските медиуми денешната посета на Путин на Србија.

Аналитичарот Бранко Радун вели дека Србија и Русија имаат историска и јазична блискост и дека овој пречек е искажување благодарност на Русија за се што направила за Србија.

– Србите се русофили. Овој пречек е искажување на благодарност кон Русија за се што сторила за Србија, од поддршката за прашањето Косово и Метохија, до блокирањето на резолуцијата за геноцидот во Советот за безбедност на ОН, вели Радун.

Според зборовите на аналитичарот Драгомир Анѓелковиќ, Србите денеска масовно ќе излезат да го поздрават Путин, поради поддршката за Косово и Метохија и зачувувањето на Република Србија, но и поради фрустрациите предизвикани од политиката од Западот.

– Путин е најпопуларен странски политичар во Србија од две причини: поради традиционалното пријателство, Србите ја сакаат Русија и кога е претседател некој на силна Русија, тогаш и на Србите им е драг, второ, колку Западот повеќе не притиска за Косово и Метохија, ние своето незадоволство го проектираме на што поблизок однос со Русија, вели Анѓелковиќ.

Живадин Јовановиќ, поранешен шеф на дипломатијата, вели дека Путин ужива неподелени симпатии од Србите, кои ги заслужил со доследно ангажирање за зацврстување на стратешките односи помеѓу Србија и Русија.

– Путин го почитуваат затоа што ги зацврсти позициите на Русија како глобална сила, без која не може да се реши ниту еден голем светски проблем. Русија е најсилен фактор во поддршката на Србија во заштитата на суверенитетот и територијалниот интегритет и инсистира прашањето за Косово и Метохија да се реши по мирен пат.

Во бројната делегација која го придружува Путин во текот на посетата на Белград ќе биде и министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, како и шефот на Роскосмос, Дмитриј Рогозин.

Заедно со Путин доаѓаат и министрите за трговија и труд, Денис Мантуров и Максим Топлин, министерот за дигитален развој, врски и комуникациии на Русија, Константин Носков, како и генералниот директор на Росатома, Алексеј Лихачов.

Во делегацијата ќе биде и шефот на фондот Сколково, поранешниот потпретседател на Владата, Аркадиј Дворкович, генералниот директор на Рускитре железници, Олег Белојзоров, како и ректорите на три големи универзитети со кои ќе биде потпишана спогодба.