Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска се обрати на научно-стручната конференција „Психофизичка подготвеност на припадниците на безбедносните институции во Македонија“, во организација на Факултет за безбедност – Скопје.

Во своето обраќање, министерот Тошковски истакна дека психофизичката подготвеност претставува клучен столб на функционален и ефикасен безбедносен систем, нагласувајќи дека човечкиот фактор е пресуден за успехот на сите реформи и стратегии.

„Често зборуваме за опрема, за законски решенија и за оперативни капацитети, но на крајот од денот, системот го носат луѓето. Ако тие луѓе не се подготвени, ниту една стратегија нема да даде целосен резултат“, потенцираше Тошковски.

Тој се осврна на сложеноста на полициската професија, нагласувајќи дека полициските службеници секојдневно се соочуваат со динамични, непредвидливи и стресни ситуации, во кои одлуките се носат брзо и имаат директно влијание врз безбедноста на граѓаните.

„Психофизичката подготвеност не е дополнителна вредност, туку основа на професионалноста. Таа значи способност да се остане прибран под притисок, да се реагира рационално и да се зачува интегритетот во секоја ситуација“, истакна министерот.

Тошковски нагласи дека Министерството за внатрешни работи применува системски пристап во развојот на кадарот, кој опфаќа селекција, обука и континуирана поддршка во текот на целата кариера.

Во тој контекст, министерот најави значаен чекор во унапредувањето на образовниот процес:

„По повеќе од 20 години, го враќаме средното полициско училиште, кое ќе биде темел за рано градење дисциплина, физичка подготвеност, психолошка стабилност и чувство за служба кај идните генерации полицајци.“

Тој додаде дека ваквиот пристап претставува долгорочна инвестиција во квалитетот на безбедноста, со оглед дека подготовката на кадарот ќе започнува уште пред нивното формално вклучување во системот.

Министерот Тошковски ја истакна и важноста на ваквите научно-стручни конференции, кои овозможуваат поврзување на теоријата и практиката, со цел креирање на поефикасни политики и програми.

„Нашата обврска е научните сознанија да ги преточиме во конкретни политики, подобри тренажни програми и системска психолошка поддршка за секој припадник на полицијата“, нагласи тој.

На крајот од своето обраќање, министерот порача дека инвестирањето во психофизичката подготвеност на безбедносните сили директно значи инвестирање во сигурноста на граѓаните, посакувајќи успешна и продуктивна работа на конференцијата.