Кремљ денеска ги негираше извештаите дека рускиот претседател Владимир Путин побарал од водечки бизнисмени да донираат пари за стабилизирање на финансиите на Русија додека трае војната во Украина.

Извештаите ги објави независниот руски медиум „Бел“ и „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на неименувани извори, откако Путин вчера одржа состанок зад затворени врати со бизнис лидери.

– Не е вистина дека Путин упатил такво барање – изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. Но, тој рече дека еден од учесниците на состанокот рекол дека сака да донира „многу голема сума пари“ на државата.

Лицето рекло дека повеќето од присутните бизнисмени ги почнале своите бизниси во 1990-тите и дека почетокот на нивните бизниси бил на некој начин поврзан со државата, па затоа многумина од нив сметале дека е нивна должност да придонесат за тоа, објасни Песков, без да го именува.

– Тоа беше апсолутно негова иницијатива, а не на претседателот Путин. Иако, се разбира, шефот на државата ја поздрави таквата иницијатива – додаде Песков.

Тој исто така рече дека не е вистина дека парите биле наменети за војна. „Бел“, известувајќи за состанокот, напиша дека Путин разговарал за воено финансирање и рекол дека Русија ќе се бори сè додека не ги преземе преостанатите области од источноукраинскиот регион Донбас кои не се под нејзина контрола.

Независниот руски медиум, исто така, напиша дека милијардерот Сулејман Керимов на состанокот ветил дека ќе донира 100 милијарди рубљи (1,23 милијарди американски долари.

Русија има буџетски дефицит и се соочува со економска стагнација бидејќи војната во Украина влегува во петта година без крај на повидок. Но, се очекува Русија да има голема корист од наглиот пораст на цените на нафтата откако САД и Израел почнаа војна против Иран на 28 февруари.

МИА