ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, членка на Групацијата АДП, денеска официјално го одбележа почетокот на реконструкцијата на Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, инвестиција вредна 2,7 милиони евра.
„Со овој проект, чија вредност изнесува 2,7 милиони евра, средства од ТАВ Македонија ќе се инвестираат во неколку клучни сегменти на охридскиот аеродром. Првата фаза опфаќа реконструкција на патничкиот терминал и зголемување на оперативните капацитети, чек-ин просторот ќе се прошири од 6 на 8 шалтери и дополнителни 100 квадратни метри. Ова ќе овозможи зголемување на капацитетот за опслужување на нашите патници и подобра функционалност на целиот процес. Областа за безбедносна контрола и рачен багаж ќе се прошири на речиси 200 квадратни метри, просторот кај гејтовите ќе се прошири на 350 квадратни метри, просторот за подигање багаж ќе се прошири на 230 квадратни метри. Ќе има нова duty-free продавница, нови ескалатори за патници, како и нова опрема и технологија за побезбедно и поефикасно опслужување на патниците. Пасошката контрола ќе се прошири на 150 квадратни метри, канцелариите за оперативниот персонал во безбедносно – контролираната зона ќе бидат обновени на површина од 270 квадратни метри. Дополнително, паркингот пред терминалот ќе биде реорганизиран, со што протокот на патници ќе се зголеми и подобри. Сакам да потенцирам дека дека со реконструкцијата, капацитетот на терминалната зграда се зголемува за 30% до 40%, што ќе ни овозможи да опслужуваме повеќе авиони и повеќе патници во најинтензивните часовите кога аеродромот работи со максимален капацитет.
Вториот сегмент се однесува на доградбата и надградбата на административната зграда, која од 290 квадратни метри ќе достигне 746 квадратни метри. Во административната зграда, покрај канцелариите на ТАВ Македонија и нов ресторан за вработените, ќе има и нови канцеларии за Граничната полиција и Царината како и нов паркинг за вработените покрај зградата“, изјави Неџат Курт, генералниот директор на ТАВ Македонија.
Како што нагласи тој, основната идеја со реконструкцијата и проширувањето на аеродромот во Охрид е дислокација на административните објекти од терминалната зграда во надградената административна зграда, со што ќе се овозможи поголем капацитет на терминалот за потребите на патничкиот сообраќај. Во меѓувреме, стратегијата за планирање за имплементација на проектот ќе му овозможи на аеродромот да продолжи да работи без прекин за време на градежните активности.
„Овој проект, со кој охридскиот аеродром ќе добие сосема нов лик, ќе овозможи поудобно, поефикасно и попријатно искуство за патување за нашите патници и секако подобрено работно искуство за нашиот персонал и за персоналот на нашите засегнати страни – полицијата и царината. Токму затоа овие активности ги гледаме како инвестиција во подобро секојдневие за сите што се дел од аеродромската заедница“ додаде Неџат Курт, генералниот директор на ТАВ Македонија.
Според најновите статистички податоци, ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, членка на АДП Групацијата, ги заврши првите два месеци од 2026 година со 539.474 патници и на Меѓународниот Аеродром Скопје и на Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид. Ова е зголемување од 31% на бројот на патници во споредба со истиот период во 2025 година. Во исто време, бројот на летови (3.766) порасна за 14%. Аеродромот во Охрид ги заврши првите два месеци од 2026 година со 28.452 патници, што е зголемување од 20,3%, во споредба со истиот период во 2025 година.
Со 4 нови линии што ќе започнат од охридскиот аеродромот со летниот распоред на летови (Милано, Виена, Вроцлав и Катовице), како и претходно започнатата нова линија до Братислава, ТАВ Македонија очекува овој двоцифрен раст на патничкиот сообраќај да
продолжи.
Моментално, од Охрид, како една од најважните туристички дестинации во регионот, летаат 8 авиокомпании до 17 дестинации, меѓу кои 3 се чартер летови.
Летен распоред на летови за 2026 од Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид:
Дестинации и авиокомпании
– Цирих –Edelweiss и Chair Airlines
– Амстердам – TUI Fly
– Белград – Air Serbia
– Истанбул – Turkish Airlines
– Виена – Austrian Airlines
– Катовице, Вроцлав, Дортмунд, Минхен-Мемингем, Базел-Милуз, Штутгард, Милано-Малпенса, Братислава – Wizz Air.
Чартер летови:
– Базел-Милуз – GP Aviation
– Гетвик и Манчестер со TUI




