Израелскиот весник „Марив“, повикувајќи се на неименувани извори, објави дека Израел врши притисок врз американскиот претседател Доналд Трамп да преземе „кратка и силна“ копнена операција против Иран пред евентуалните преговори.
Весникот наведува дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговите советници се за воена ескалација, оценувајќи оти евентуален договор во оваа фаза претставува „јасна победа на Иран“.
Неименуван израелски безбедносен извор тврди дека Израел не планира да испрати копнени сили во Иран, но оти е подготвен да пружи „максимална разузнавачка и логистичка поддршка“ доколку САД испратат трупи.
„Марив“ наведува дека израелските власти стравуваат дека САД би можеле да иницираат преговори пред да бидат ослабени иранските воени капацитети, поради тоа инсистираат на копнена инвазија.
САД за војната во Иран разгледуваат две опции. Првата е ескалација на нападите, вклучително и врз енергетските постројки, посебно на островот Харг и гасното поле Јужен Парс. Додека втората опција е преговори со кои ќе се ограничи иранската ракетна и нуклеарна програма, без целосно уништување на воената инфраструктура.
Додека Израел се фокусира на стратегија за „длабоко исцрпување“ преку напади врз економската и индустриската инфраструктура на Иран, со цел да ја ослабне земјата на долг рок. Израел ги интензивира нападите врз стратешките објекти, меѓу кои и врз големите челичарници во Хузестан и Исфахан, кои претставуваат важен столб на иранската економија. Според израелски разузнавачки извори, таквите напади придонеле за намалување на бруто домашниот производ на Иран од три до четири проценти.
„Марив“ посочува и дека некои земји од регионот го поддржуваат продолжувањето на операциите, плашејќи се дека раното прекинување би довело до зајакнување на Иран и зголемување на ризикот од одмазда.
МИА




