Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), во рамките на соопштението во завршниот исказ по мисијата спроведена врз основа на членот IV, позитивно ги оценува стабилноста и отпорноста на банкарскиот сектор, како и напредокот во монетарната политика и институционалната рамка на Народната банка.

-Во изјавата се посочува на отпорноста на домашната економија, што се огледа во одржувањето солиден раст и во забавувањето на инфлацијата. Воедно, се истакнува дека продолжениот конфликт на Блискиот Исток и повисоките цени на енергијата се сериозен ризик, а последиците би можеле да се почувствуваат во повеќе сегменти. Поради тоа, се нагласува потребата од натамошно претпазливо водење на монетарната политика, стои во соопштението на Народна банка.

ММФ ја истакнува модернизацијата на оперативната рамка за спроведување на монетарната политика како значајно достигнување, со кое се зајакнува оперативната ефикасност и флексибилност на Народната банка.

-Се нагласува дека финансискиот систем и натаму е стабилен, со добро капитализирани, ликвидни и профитабилни банки коишто имаат ниско ниво на нефункционални кредити, а спроведените стрес-тестови укажуваат дека системските ризици и натаму се ограничени и се под контрола. Воедно, преземените мерки во делот на макропрудентната политика се оценети како соодветни, посочуваат од Народна банка.

ММФ, како што се додава во соопштението, искажува задоволство и од посветеноста на усогласувањето на домашната регулатива со европските стандарди, што ќе придонесе за натамошно јакнење на супервизијата, решавањето банки и на целокупната финансиска стабилност.

-Народната банка и во иднина ќе биде целосно посветена на одржување на ценовната и финансиската стабилност, како и на постојаното унапредување на своите политики и алатки, во согласност со најдобрите меѓународни практики, додаваат од Народна банка.