По повод Лазарева сабота, пред големиот христијански празник Велигден, денеска напладне во Скопје ќе се одржи традиционалната лазарева поворка која тргнува од дворот на храмот „Св. Димитриј“ и со пеење на лазаревите каланди ќе се движи по улица „Македонија“ и ќе заврши во црквата „Св. цар Константин и царица Елена“.
Пред почетокот на поворката, на учесниците ќе им бидат поделени врбови гранчиња, а за најмладите ќе има и мало изненадување.
Лазарева Сабота е ден кога се сеќаваме на големото чудо, кога Господ Исус Христос го воскреснал праведниот Лазар, четири дена по неговото упокојување. Со ова чудо Христос им покажал на луѓето дека Бог е Бог на животот и дека верата, надежта и љубовта се посилни од смртта. Затоа овој ден е исполнет со радост и претставува почеток на подготовката за Страдалната Седмица и Воскресението Христово.

Во нашата традиција, Лазарева Сабота се одбележува со Лазареви поворки. По ослободувањето од отоманското ропство, овој обичај почнал поорганизирано да се негува преку училиштата и црквите. Во пресрет на празникот, децата заедно со возрасните собирале врбови гранчиња и пролетни цвеќиња, а потоа во радосни поворки, пеејќи песни за воскресението на Лазар, се упатувале кон храмовите, каде ги принесувале овие свои дарови.
Така, врбовите гранчиња се благословувале од свештениците и им се раздавале на верните како предобраз на Христовото влегување во Ерусалим на Цветници. Со цвеќињата се украсувале храмовите и домовите во знак на пролетна и благословена радост.
До Цветници децата минувале низ маалата и ја споделувале празничната радост, додека од Велики Понеделник започнувала молитвената тишина како духовна подготовка за Христовото Воскресение.
Лазаревите поворки биле широко распространети сè до Втората светска војна и истите останале живо сведоштво за верата, детската чистота и радоста изразена во заедништвото.
Овие традиции, со векови најдостоинствено го подготвувале нашиот народ за дочекување на Празникот над празниците – Христовото Воскресение, посочуваат од организацијата Бадникови поворки.
Фото: Бадникови поворки




