Водата за пиење во Скопје е безбедна односно, сите примероци земени во рамки на неделната проверка за физичко-хемиска и за микробиолошка анализа одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење.

Како што соопшти ЈП Водовод и канализација – Скопје, секторот за санитарна контрола анализирал примероци од водата за пиење во Скопје земени во периодот од 30 март до 3 април.

Биле испитани 183 примероци за физичко-хемиска и 183 примероци за микробиолошка анализа на вода за пиење од 39 мерни места во градот Скопје.

-Добиените резултати од испитувањата покажуваат дека сите примероци одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење, информира ЈП Водовод и канализација – Скопје.