СДС на денешната прес-конференција ја продолжија политиката што најдобро ја знаат, а таа е растурање на пердуви во јавноста и ширење на лаги и невистини, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на СДСМ, која МИА ја објавува интегрално.
Прво, Македонија убедливо има најниска цена на нафтата и нафтените деривати во регионот, и е меѓу првите со најниски цени и во Европа. Тоа е поради интервенцијата на Владата во делот на ДДВ-то каде што се намали од 18% на 10% и делот на акцизите каде се намалија цените за дизелот за 4 денари, а бензините за 2 денари. Дополнително, договорен е и дополнителен попуст од 3 денари од ОКТА.
Второ, Македонија за разлика од порано не е држава која очекува од другите сожалување и помош, туку е држава која нуди стабилност и помош на нашите соседи. Не одиме ние во други држави да бараме одредени производи по пониски цени, туку тие доаѓаат кај нас.
Трето, цените на патарините за нивниот пратеник Бочварски и поранешен министер за транспорт, кога беа на власт велеа дека се ниски. Така да оваа теза за намалување на цените на патарините, кои од таа изјава на Бочварски до ден денес се исти, паѓа во вода и е контрадикторна.
Четврто, македонската инфлација во времето на кризата поради војната во Украина во Македонија се вивна во дадени периоди и над 20%, а просечна инфлација за 2022 година беше 14,2%. Денес, се очекува инфлацијата да биде нешто помеѓу 4-5%, што е за 3 пати помалку, а говориме за криза која според Фатих Бирол, шеф на Меѓународната агенција за енергија, е полоша и од кризите во 1973, 1979 и 2002 година заедно.
Петто, Владата направи колективни договори со работниците на кои таа им е работодавач и платите во јавниот сектор се зголемуваат за над 40% до 2028 година, додека некои ќе достигнат и до 60%.
Шесто, растот на БДП во сите квартали од кога е дојдена Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Мицкоски е над 3%. Што директно докажува дека било каква криза и да има, државата е спремна за истата.
Седмо, следната недела ќе бидат на владина седница дополнувањата и измените на Закон за нефер трговски практики, каде што ќе се зголемат казните за оние кои ќе ги злоупотребат или заобиколат законите, а со единствена цел, заштита на стандардот на граѓаните.
Осмо, годинава враќаме 2,5 милијарди евра долгови, долгови кои власта на СДС и ДУИ ги остави затоа што не знаеја како да се справат со економската политика во Македонија, а тоа добро ќе се види и преку јавниот долг, кој за 7 години се зголеми исто, колку од 1991 до 2017 година.
И за крај, кризата се следи секојдневно и одблиску. Не сме ние како СДС, кој за време на сите кризи кои се случија во светот, прво нешто што им текнуваше беше криминал и корупција. Ние сме сосема спротивни од тоа што СДС го правеше. Со конкретна анализа, аргументи и факти, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе се справува со предизвиците.
Фото: архива




