На првиот престолонаследник на Заев, Ковачевски познат во народот како Заев Втори (Венко е Заев Трети), очигледно му годи што е во опозиција. Научи пустиот да кажува и МАКЕДОНИЈА, нешто што ич не му одеше додека беше премиер, кога она на С го верглаше како расипана плоча. Во Собрание денеска 4 пати кажа МАКЕДОНИЈА, пишува Курир.

Еве го откровението на Таче, кој по 22 месеци во опозиција, научи да го кажува овој свет збор.

Во продолжение интегрален текст од обраќањето на Ковачевски:

Унапредувањето на животната средина, вклучително квалитетот на воздухот, управувањето со водите и управувањето со отпадот, се едни од најважните теми во нашето општество, но и огромен предизвик за нашата држава, како на централно, така и на локално ниво.

Овие теми со право постојано предизвикуваат револт кај граѓаните заради спорото темпо на имплементација на проектите за заштита на животната средина и заради нискиот квалитет на истата.

Сите сме свесни дека Македонија (ПРВ ПАТ), а особено големите градови, пред сè Скопје, но и Куманово, Тетово, Струмица и така натаму, се на врвот на најзагадените градови во светот.

Оттука, моето прво прашање до министерот за животна средина и просторно планирање е поврзано со заемот од Европската инвестициона банка, наменет за подобрување на водната инфраструктура на општините, во висина од 50 милиони евра.

Договорот за заем беше потпишан во ноември 2022 година, по што следуваше донесување на методологија за распределба на средствата во август 2023 година.

На сите општини им се доделија рамномерно по 200.000 евра, или вкупно 16 милиони евра, а останатите средства до вкупниот износ се распределија пропорционално врз основа на бројот на населени места и бројот на население во истите.

Ова беше направено првпат во Македонија (ВТОР ПАТ) за да ѝм се помага на руралните општини да добијат повеќе средства, земајќи ја во предвид нивната развиеност и потребите, и притоа не се гледаше на партиската припадност на општинските управи, со оглед на тоа дека средствата беа предвидени за сите, без исклучок.

По донесувањето на методологијата и информативните состаноци со општините во сите региони, нареден чекор беше општините да достават проектна документација до министерството, по што следуваше процес на разгледување и одобрување на истите.

Последниот чекор е министерството да пристапи кон подготовка на тендерска документација за објавување на јавни набавки за секој од проектите и нивна конечна реализација.

Како и со многу други проекти, процесот на реализација на заемот се одвива со бавно темпо, при што голем дел од подготвените и одобрените проекти на општините не се објавуваат за реализација од страна на Министерството за животна средина.

Овие средства се обезбедени за општините, наменети се за проекти за подобрување на водната инфраструктура, распределени согласно критериуми и методологија, не се распределени по партиски клуч и не се за хорти културно разубавување на општините, туку за исклучително значајното подобрување на водната инфраструктура во општините.

Оттука, моето прво прашање е следново: три и пол години по одобрувањето на заемот од Европската инвестициона банка, колкав процент од заемот е реализиран? Зошто не се распишуваат јавни повици за веќе подготвените проекти и колку пенали за неискористените средства од заемот се плаќаат кон банката заради доцнењето?

Денес, почитуван министре, нотирам уште една од слабостите на оваа Влада: Управувањето со отпад и спроведувањето на циркуларната економија. Во 2026 година, во време на поставени стандарди во оваа област, нашата држава сè уште нема донесено нова национална стратегија за управување со отпад. Тоа е недозволиво и е доказ за неажурноста да се обезбеди основна рамка за еколошка институционална одговорност. Регионалните системи за управување со отпад не функционираат. Општинските и комуналните претпријатија се непродуктивни, неефикасни и се во огромни долгови. И покрај значителната и континуирана финансиска помош од Европската унија, системот за регионално управување со отпад не е воспоставен и нема резултати.

Тоа е јасен показател за хроничен недостаток на одговорност и посветеност од страна на локалните власти, но и за слабите меѓуинституционални односи и хаотичното донесување одлуки на централно ниво.

Граѓаните во Скопје и Скопскиот регион се најдобрите сведоци за немањето идеја како ќе се решава сериозниот проблем со отпадот.

Циркуларната економија, која требаше да биде двигател на модернизацијата, стагнира. Владата не ја ни спомнува како опција за решавање на проблемот со отпадот. Ограничената свест на засегнатите страни, недоволните финансиски средства и инфраструктурни пречки не се оправдуваат. Тие се последица на владиниот неуспех да инвестира, едуцира и мобилизира.

Наместо да се гради систем за селекција, рециклирање и современ третман на отпад, земјата тоне во хаос од ѓубре и губи европски фондови.

Но, ова не е само административна слабост. Ова е и закана за здравјето на граѓаните, бидејќи покрај економската, се соочуваме и со здравствена криза поради неспособноста за справување со загадувањето на животната средина.

Сега сме април 2026 година и до крајот на годината не се завршени проектите, а знаеме дека не се ни почнати како што треба, Македонија (ТРЕТ ПАТ) ќе биде исправена пред можна обврска да враќа 20 милиони евра веќе потрошени средства до Европската унија. Ова е класичен пример за институционална негрижа.

Во јануари 2023 година, Владата предводена од СДСМ обезбеди 55 милиони евра заем од Европската банка за обнова и развој, како и дополнителни грантови и поддршка: од Европската комисија дополнителни 22,5 милиони евра грант од механизмот за грант средства за Западен Балкан, 9 милиони евра грант од Швајцарски Секо и 1 милион евра грант , како и дополнителни континуирани средства од ИПА фондовите, со што започна проект со кој ќе се градат регионални центри за управување со отпад.

Средствата беа и се предвидени за изградба и рехабилитација на регионални депонии, изградба на трансфер станици, набавка на опрема, затворање на нелегални депонии, еколошки безбедно и здраво отстранување на отпадот, како и селекција на отпадот.

Овој инвестициски проект ги зголемува стапките на покривање на услугите за собирање отпад низ регионите и го минимизира дивото депонирање. Корисници се пет македонски региони: Југоисточен, Вардарски, Пелагониски, Југозападен и Полошки регион. По скоро две години работа на оваа Влада, ситуацијата е следна: до денес не е усвоена националната стратегија за управување со отпад 2024-2036 година, иако е изготвена уште во јули 2024 година со одржани јавни расправи во септември истата година.

Стратегијата ги дефинира чекорите што треба да се преземат како дел од постепеното воспоставување на системот за управување со отпад, вклучително и регионални центри, како и главните принципи за управување со отпадот и одржливо користење на природните ресурси.

Не е распишана набавката за опрема за Полошкиот регион, не е завршена набавка на опрема за Источниот и Североисточниот регион и не е завршена изработка на нова физибилити студија за Југоисточниот и Вардарскиот регион, а во Пелагонискиот регион проектот се соочува со неусогласености кои предизвикуваат револт кај граѓаните.

Наместо современи регионални депонии, имаме продолжување на агонијата со диви ѓубришта и нестандардни општински депонии. Градовите се гушат во отпад, а од Влада која ветуваше „година на промени“, граѓаните добија година на застој.

Реализацијата доцни, изградбата ја нема, а обезбедените европски фондови се загрозени поради доцнењето и нефункционалноста.

Моето второ прашање, министре, е следново: Зошто до денес не е усвоена националната стратегија за управување со отпад 2024-2036 година, иако е изготвена уште во јули 2024 година со одржани јавни расправи во септември 2024 година?

Денес е април 2026 година, а крајниот рок за искористување на средствата за регионалните депонии е декември оваа година. Зошто доцни реализацијата на овие проекти во сите региони без исклучок и каков е вашиот план доколку Македонија (ЧЕТВРТ ПАТ) биде принудена да врати 20 милиони евра на европските фондови поради нереализирани проекти?

И последното прашање се однесува на квалитетот на воздухот и мерките за намалување на загадувањето.

За ова не треба поширока елаборација, со оглед на тоа дека за осум месеци од денес, Скопје и другите наши поголеми градови повторно ќе бидат први на светските листи на најзагадени градови.

Прашањето е кои мерки за намалување на загадувањето на воздухот се предвидени во буџетот на Владата за 2026 година? До каде е носењето на законот за климатска акција, кој беше ветување дека ќе биде донесен во 2025 година, и дали од заемот од Република Унгарија, наменет за општините, се реализираат проекти за намалување на загадувањето и кои се тие проекти, ако ги има?

До крајот на мандатот на оваа Влада и по мандатите кои во низа ќе и следуваат, можеби за промена во СДС ќе научат и многу други работи за Македонија, за нејзината историја, нешто и за Македонците.