Штрајкот на кабинскиот персонал во германската авиокомпанија „Луфтханза“ предизвика откажувања на летови и го наруши патувањето на илјадници патници низ Германија.
Околу 20.000 стјуардеси и стјуарди денеска ја прекинаа работата на повик на синдикатот на кабинскиот персонал „УФО“, со цел да извршат притисок поради спорот околу колективниот договор во матичната компанија и нејзината регионална подружница „Луфтханза Сити Лајн“, објави „Шпигел“.
Според распоредот на летови, околу 75 проценти од речиси 350 закажани полетувања во главниот центар на компанијата на аеродромот во Франкфурт се откажани. Штрајкот влијае и на работењето на аеродромите во Минхен, Берлин, Лајпциг и Штутгарт.
Иако штрајкот официјално е насочен кон полетувањата од Германија, се очекува недостатокот на авиони да влијае и на многу повратни летови за патниците што се враќаат од велигденски патувања. Тоа е трет голем штрајк во најголемата германска авиокомпанија оваа година, по два претходни штрајкови на пилотите.




