Претседателот на СДСМ Венко Филипче денеска на прес-конференција повтори дека историската победа во Унгарија испраќа јасна порака до целиот регион, дека времето на автократите завршува. Тој оцени дека ова е конечен крај на ерата во која Будимпешта била „безбедно засолниште за сите осудени корумпирани криминалци“ и запраша дали ќе се поднесе барање за екстрадиција на Никола Груевски.
-Ова е историска победа на Европа над руското и кинеското влијание, и на владеењето на правото над корупцијата. Историската победа во Унгарија испраќа јасна порака до целиот регион, декa времето на автократите завршува. Следен е тој во Србија, па после тоа на Мицкоски. Регионот припаѓа на Европа, не на Русија. Доаѓа време на правда и одговорност, рече Филипче.
Според него, ова е важно за Македонија, бидејќи „Владата на Христијан Мицкоски ги стави стратешките интереси на Македонија во рацете на Орбан“.
-Не ги стави во рацете на Унгарија, не ги стави за доброто на Македонија – ги стави во рацете на бизнисмени, блиски луѓе на човекот кој сега веќе не е на власт, и не за доброто на државата, туку за свои лични интереси. Телекомуникации, енергетика, медиуми, финансии – сè беше поврзано со кругот на Орбан, оцени тој.
Според него, земјава веќе со години е во медиумски мрак поради медиумите контролирани од Орбан со кои директно управува ВМРО.
-Политичка алатка на Мицкоски за лажни вести, измислени афери, деноноќни напади против СДСМ и мене лично. И додека ние предупредувавме дека режимот на Орбан ќе падне, ВМРО панично ја засилуваше црната кампања, обидувајќи се да дефокусира и да го оттргне вниманието на јавноста. Денес кога Орбан веќе падна, паниката на ВМРО е очигледна. Медумите под нивна контрола веќе почнаа да ја намалуваат важноста на победата на новата демократска влада во Унгарија, кажа тој.
Тој оцени и дека откако ВМРО и Мицкоски се на власт, Орбан ја користел Македонија како „своја приватна колонија за политички и финансиски интереси – од медиумска империја, телекомуникации, енергетика и инфраструктура, кредити…
-Кога Орбан паѓа сите овие тајни договори и бизнис интереси ќе излезат на виделина. Сега Мицкоски ќе треба да најде друг начин како ќе ги финансира своите медуми да шират лажна кампања и веројатно за тоа ќе ги користи парите што ќе ги дренираат од свои блиски фирми од буџетот, практично од парите на граѓаните, рече Филипче.
Тој кажа дека договорите мора да бидат детално истражени. -Граѓаните на Македонија мора да знаат кој точно стои зад медумите, телекомуникациите, кредитите, инфраструктурата…и сите одлуки што се носени во нивно име. СДСМ ќе бара целосна истрага на сите бизнис комбинации меѓу Орбан и Мицкоски. Антокорупцискиот тим на партијата веќе интензивно работи на откривање на сите криминално-коруптивни дејствија на режимот, на тендер коалицијата, заедно со ЗНАМ, на чело со Христијан Мицкоски, истакна Филипче.
Лидерот на СДСМ праша што ќе прави сега Никола Груевски. – Се поставува и прашањето, што ќе прави сега Никола Груевски, осудениот бегалец и симбол на корупција и злоупотреба на власта, кога повеќе нема заштитник во Будимпешта. Ќе бега ли на друго место, во Русија или во некоја друга земја? Или ќе се врати тука да ја отслужи казната? Ја поздравувам јасната и недвосмислена порака на новиот унгарски премиер Петар Маѓар од вчерашната прес-конференција – новата унгарска власт повеќе нема да обезбдува засолниште на луѓето кои бегаат од правдата. Маѓар експлицитно наведе дека ќе ги испорача оние кои се кријат на нејзина територија и директно го означи Никола Груевски како криминалец, рече тој.
Потсетувајќи дека ЗНАМ веќе ја честитал победата на новиот унгарски премиер, тој праша дали оваа влада досега има поднесено барање за екстрадиција на Никола Груевски, и доколку нема – зошто нема и дали ќе поднесат баање за негова екстрадиција во земјава?
-Правдата колку и да доцни, на крајот секогаш стига. Време е за правда, време е за Европа, заклучи Филипче.




