Поранешниот судија во Врховниот суд, Наќе Георгиев, кој беше осуден за примање мито, ќе ја напушти затворската ќелија ова лето, откако Апелациониот суд во Скопје му го уважи барањето за условен отпуст. Со оваа одлука, казната му е дополнително скратена, а предметот стана правосилен.
Георгиев, кој првично требаше да остане во затвор до мај 2027 година, ќе одлежи вкупно две години и два месеци. По претходната одлука на Кривичниот суд со која излезот беше предвиден за септември оваа година, Апелација ја преиначи одлуката и му ја скрати казната за уште два месеци.
Како аргументи за прифаќање на жалбата, судот ги зел предвид неговото примерно однесување во затворот, возраста (63 години) и нарушената здравствена состојба.
Во изминатиот период, Георгиев веќе издржуваше дел од казната во олеснет режим, каде преку ден бил работно ангажиран како магационер, а ноќите ги поминувал во установата, користејќи и викенд-отсуства.
Потсетуваме, Наќе Георгиев се спогоди со Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, откако беше фатен на дело при примање мито од 10.000 евра од синот на поранешниот градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев. Со спогодбата тој доби тригодишна затворска казна и забрана за вршење на службена должност во траење од три години.




