Британскиот премиер Кир Стармер денеска изјави дека нападот врз синагогата, што се случи околу полноќ во северозападен Лондон, е „гнасен“ и нема да се толерира.
„Згрозен сум од неодамнешните обиди за антисемитски палежи во северен Лондон. Ова е гнасно и нема да се толерира“, рече Стармер во изјава објавена од Дејли Меил.
Тој рече дека нападите врз еврејската заедница претставуваат напади врз Велика Британија и дека полициските активности ќе бидат засилени со цел да се пронајдат одговорните и да се изведат пред лицето на правдата.
Групата Ашаб ал-Џамин ја презеде одговорноста за нападот, а во видео објавено на Телеграм, може да се види маж како се приближува кон зградата, држејќи шише што личи на Молотов коктел и фрлајќи го кон местото на нападот.
Запаливата направа скршила прозорец и предизвикала „мала штета од чад“ во зградата на синагогата, која се наоѓа во близина на училиште и детско игралиште, наведе Фондот за безбедност на заедницата.
Главниот рабин Ефраим Мирвис изјавил дека инцидентот бил „кукавички напад со подметнување пожар“, додавајќи дека „континуираната кампања на насилство и заплашување“ против британските Евреи „добива замав“.
Овој инцидент го означува четвртиот обид за напад со експлозивни направи врз еврејски објекти за еден месец.
Портпаролот на полицијата изјави дека полицајците што патролирале околу полноќ во северозападен Лондон „забележале оштетување на прозорецот на синагогата Кентон Јунајтед на авенијата Шафтсбери“ и дека при прегледот на местото на настанот е забележан чад во една соба и докази дека шише со некаков вид забрзувач е фрлено низ прозорецот.
Како што е објавено, инцидентот се третира како подметнување пожар. (МИА)




