Зорица Атанасова, сопруга на пациент на кого пред помалку од еден месец му бил трансплантиран црн дроб, преку објава на социјалните мрежи опишува како се одвивал целиот процес и во каква состојба денеска е нејзиниот животен сопатник, Ангел.
Во објавата, која во продолжение ви ја пренесуваме интегрално, таа изразува голема благодарност до семејството на починатата жена кое со својата одлука за донирање на органите, им дало нов живот на 67 годишниот Ангел и на уште една пациентка на 51 годишна возраст. Зорица и нејзиното семејство се заблагодаруваат и на медицинскиот персонал за стручноста и смиреноста која им ја пружиле.
-Денеска е 20-ти ден откако мојот сопруг Ангел Атанасов го живее својот нов живот.
Тој е седмиот пациент во Македонија кај кого е извршена трансплантација на црн дроб откако семејството на пациентка со мозочна смрт даде согласност да се донираат нејзините органи. Не постојат зборови со кои може да се искаже големината и емпатијата на членовите на семејството кои во моменти на најголема болка одлучиле да спасат други човечки животи. Ова е несомнено најголемиот доказ дека на овој свет се уште постојат луѓе со големо срце.
Операцијата беше изршена на Клиниката за дигестивна хирургија во Државната болница во Скопје од тимот предводен од абдоменалниот хирург професор д-р Светозар Антовиќ и професор д-р Билјана Кузмановска, Националната координаторка за трансплантација. Тим од хирурзи, анестезиолози, медицински техничари…. Врвни стручњаци кои со часови работеа во неколку операциони сали за да спасат човечки животи. Луѓе кои со својата смиреност и сигурност ни влејаа доверба дека се` ќе биде во ред. ЛУЃЕ кои направија да се чувствуваме сигурни во миговите на најголема вознемиреност, кои ни пристапија со смиреност и решителност да успејат во својата цел – да спасат живот!
Повеќе од две недели траеше постоперативниот период. Пациентот беше 24 часа под постојан надзор и целосна здравствена грижа од страна на медицински екипи на КАРИЛ и Дигестивна хирургија за конечно сите тие да бидат подеднакво среќни и задоволни од успешната трансплантација. Денеска е извршен првиот контролен преглед на Универзитетската Клиника за гастроентерохепатологија каде пациентот со години се лекуваше, токму таму каде што пред две години во неколку наврати се водеа натчовечки напори да се спаси неговиот живот за на крај да се констатира дека трансплантацијата е единствената шанса да се преживее.
Зошто имам потреба да го споделам овој момент со сите Вас? Затоа што имам измешани чувства на возбуда и радост, на страв и загриженост со што се соочувавме сите овие денови… Затоа што во истовреме ја спознавме тежината на болката од безизлената состојба во која се наоѓавме и моќта на надежта која ни го смени животот преку ноќ. Затоа што сега, кога дојдовме до момент на радост се` посериозно размислуваме за постојаните апели на медицинските лица да вложиме натчовечки напори, да се издигнеме над болката и со одлуката да донираме орган да успееме да спасиме живот…
Уште еднаш упатуваме јавна благодарност на комплетниот медицински персонал кој даде се` од себе нашата животна приказна да биде успешна. Македонија треба да се гордее со стручниот медицински кадар што го има!!! П.С. Еден ден, се` ќе биде така како што е запишано таму горе, меѓу ѕвездите, пишува во објавата на Зорица.




