Заменик-директорот на ЈП „Македонски шуми“, Кире Михаилов, преку објава на Фејсбук остро возврати на нападите и обвинувањата упатени кон него од страна на политичката партија Левица и нејзиниот лидер Димитар Апасиев, обвинувајќи ги за ширење лаги, организирана хајка и поттикнување говор на омраза.
Во својата јавна реакција, Михаилов посочува дека бил блокиран на профилите на Апасиев и на официјалната страница на Левица, поради што, како што вели, бил принуден јавно да му се обрати.
„Професоре Димитар Апасиев, со оглед на тоа што сум блокиран не само кај тебе и на официјалната страна на Левица, блокиран сум секаде каде што е можно да ти се обратам. Поради тоа ќе морам да те прашам вака кај мене“, пишува Михаилов.
Тој директно го обвинува Апасиев дека се вознемирил поради неколку коментари на негови следачи, но, според него, молчи пред далеку посериозните закани и навреди што се појавиле на објавите на Левица и на личниот профил на лидерот на партијата.
„Дали воопшто не те загрижија коментарите во кои вашите пријатели повикуваат дека за мене ‘треба само 9мм’, дека за мене ‘треба само бесилка’, дека за мене ‘треба стрелање’, дека мене ‘треба да ме наденат на колец’…“, наведува Михаилов.
Тој додава дека не станува збор за изолирани случаи, туку за, како што тврди, профили кои систематски коментираат и шират омраза кон секој што не се согласува со политиките на Левица.
„Тоа се профили кои коментираат секаде, на секоја твоја или објава блиска до наративот на Левица и тоа коментираат со ист жар, сличен контекст, невидени лаги и најважно – сериозни закани и навреди за секој кој е ваш неистомисленик“, стои во неговата објава.
Во еден од најострите делови од статусот, Михаилов му порачува на Апасиев да ги контролира, како што ги нарекува, „кучињата“ кои стојат зад лажни профили и закани.
„Професоре Димитар Апасиев, без разлика дали ќе одговориш или не, те молам, врзи си ги ‘кучињата’ кои постојано ги шеташ со тебе зад навидум лажните непознати профили“, пишува тој.
Михаилов нагласува дека не се плаши од ваквите закани, потсетувајќи дека и претходно се соочувал со сериозни притисоци.
„Мене лично шумската мафија, една од најголемите и најорганизирани во Македонија не ме исплаши, а пак од заканите од таквите, најмногу лажни, случајни и ‘непознати’, верувај, око не ми трепнува“, наведува заменик-директорот.
Реакцијата следува откако Левица јавно го обвини Михаилов за политички притисоци и злоупотреба на позицијата во ЈП „Македонски шуми“, тврдејќи дека врши прогон и уцени врз вработени кои не се политички истомисленици.
Од друга страна, Михаилов ваквите обвинувања ги оценува како координирана политичка пресметка и обид за негова дискредитација, со цел собирање политички поени и дефокусирање од реалните состојби во претпријатието.
Полемиката меѓу двете страни дополнително ја отвора темата за политичките влијанија во јавните претпријатија, но и за границата меѓу политичката критика и говорот на омраза на социјалните мрежи.




