Братислав ДИМИТРОВ
Животот е најголемиот режисер. Под услов, кумот Аљоша Симјановски да се согласи со второто место. Нема да се согласи. Никој со никого и со ништо не се согласува. Најмалку со себе. Навредени од животот, ништо не бендисуваме. Во последно време и ние не му се бендисуваме на животот. Така стигнавме до ова место, познато по латинскиот термин „дереџе”. Среќни сме затоа што несреќата им се случува на други. Паметни сме, заради туѓата глупост. Испаѓаме друштвени, само затоа што другите се намќори.
Пред многу години барав стари фотографии за мојата колумна во „ТЕА“ – модерна и налетав на едно писмо, на кое никогаш не успеав да одговорам. Кога писмото стигна на мојата норвешка адреса јас бев Скопје. Кога писмото ми го пратија во Скопје, јас ненадејно се вратив во Норвешка. Писмото е на Горан Стефанвски испратено до мене, од отслужување на воениот рок во Рашка, датирано на 3 јули 1977 година. Еве го писмото на Горан, во целост:
Драги Бато,
тешко е да пишуваш писмо додека лево од тебе на цел глас брчат едновремено, но секој сам за себе, еден телевизор и еден транзистор. Посебно е тешко ако веќе два пати си им кажал на двајцата зелени колеги до тебе дека тоа ти пречи, а тие не само што не одреагирале туку со ништо не покажале дека те чуле. Но што е тука е. Се тркала мојот 36 ден во армија. Една десетина. Времето овде се мери на севозможни начини: на рецки во каиш, на скршени ребра (ова подоцна ќе ти биде јасно) на секунди, минути, часови, денови, недели, на децимали, проценти, број на оброци, број на денови со сува храна, број на преостанати бањања, интеграли, равенки со три непознати
Го читам Рилке, во оние делови на секунда кога доаѓам до нешто кое приближно би можело да се нарече интегритет, а кое обично трае толку кратко што делува нестварно. Обично меѓу една и друга наредба, меѓу чистење клозети и косење трева. Како матно движење во сон. Партал. Чув од Влатко дека си бил одличен Младич во „Црнила”, подобар од алтернацијата. Честитам. Многу сакам да те гледам самиот. Можеби некаде на зима.
Пишувањето писма ми се чини е еден од малубројните начини да се закрепнат рацете врз работ на клозетската шоља. Барем тие, ако главата веќе потонала. Што ли правиш ти сега? Недела предпладне, околу 11 часот? Што би можел да кажам за себе? Она што можам да го пренесам, ти веќе го знаеш, она што не можам, можеш да го дознаеш само ако си тука. Така е тоа во уметноста. Ги пребројувам редовите. Се прашувам уште колку ми требаат за писмово да делува богато. Не одговарај дека не зависи од бројот на редовите, не сакам да те слушам. Имам сега други задачи. Треба да се спасат прво важните нешта. Живото месо. Каде ќе бидеш летово? Што слушаш деновиве? Јас воглавно „Доѓи у пет до пет”, „Сеќаш ли се оних дана, оних дана јоргована”, „Метеоролози, метеорологија” и слични фекалии. Целата батерија денес е насрчена да гледа како Југославија и ја папа главата на Аргентина.Толку сум далеку од вас, во овој момент. „О боже каква бездана провалија ми се чиниш у овом часу”, С.Бркиќ. Знаеш ли како е да се биде закопан во машинска маст седум часа дневно, во петок, црвено сонце врз главите?
даречемезасегатолку
многу те сака и поздравува,
твој Горан
Еве го мојот одговор после 31 година, во книгата
„Рецепти за осаменост“ објавена 2008 во Скопје
Драг Горан,
Еве добив малку слободно време и решив да ти се јавам и да ти кажам дека си добар, кое и на себе си посакувам. Блазе си ти. За разлика од мене, ти водиш бурен живот. Звучи иронично? Само на прв поглед. Овде во Норвешкава скоро цела недела преку ден (море и ноќ!) нема жив човек, сите се на работа!? Бадијалчење, глуварење, ашкање и слични аристократски активности се непознати, што ти дава за право да заклучиш дека животот е суров. Последната галама се случи пред 6 месеци. Кога промаја ја тресна влезната врата, кога го зголемија данокот за 00,1 % и кога јас на една забава во Осло ја отпеав „Туѓината пуста да остане”. Сигурно се прашуваш што се случи откако им го преведов текстот на песната? Подобро не прашувај! Што се однесува до времето, ти и тука си во значајна предност. Споро-споро, ама ти поминува. Овде времето стои, затоа што јас немам поим дали и до кога ќе останам? Како се случи еден ден да се разбудам во овој тиркизен фјорд илјадници километри од Тафталиџе? Се случи.
Слушај Стефановски, не сакам да бидам груб, но навистина ниту едно писмо не зависи од бројот на редовите Проверено ми е. Практично, не зависи од ништо. Ако зборуваме искрено, ние зависиме од писмата. Ги испраќаме на најразлични адреси, но тоа е формалната страна на случајот. Сите писма што сме ги напишале во животот, упатени се до нас самите. Замисли, освен нас двајцата и други џукели ја орале темава: „Допишувањето нѝ е полесно ако знаеме дека тој на кого му пишуваме има убава жена”. „Да пишуваш писмо на својата свршеница е исто како да црташ сендвич со шунка, кога си гладен”. Така е тоа во поштарските работи. Што се однесува до Рилке и таквите како него, или немам мислење или далеку е од пофално. Уметноста е замена за животот. Признавам, често пати е повозбудлива и пожива и од самиот живот, но тоа е само утеха. Сепак е замена. Најголемиот поет е тој што никогаш не напишал ниту еден единствен стих.
Овде времето не знам какво е, а таму какво е? Ова лето ќе одам во Нарвик. Тоа место е на безобразно многу километри северно од Осло. Таму шест месеци е ден, а шест месеци е ноќ. Се одлучив за ноќ. Да се изнаспијам ко човек. После ќе го слушам Вилијам Шекспир на гитара, кој се одзива на името Џими Хендрикс. Никогаш не успеав да го сфатам она неверојатно соло во „Парпл хејз”. Затоа не станав гитарист и покрај сите мои очајнички напори. И овој пат си во право. Најдобро е да се вратам на твоите „Битлси“ и повторно да си бидам дете. Инаку, во недела претпладне околу 11 часот или навечер околу 11 часот, исто му доаѓа. Се ѕверам во оние нивни бели ноќи и моите црни денови. И јас како тебе, сакам само да сум дома и ништо повеќе. Ете. Толку. Да се надеваме дека ќе размениме уште многу писма. Под услов, да бидат на триесет и една година!
Најсрдечни поздрави,
од твојот другар Бато
П.С.
На 27 тревен (април) е роденденот на Горан Стефановски. Предлагам да се прогласи за национален празник на драматургијата. За да биде вечен споменот за неговите уметнички и духовни олимписки височини.
МИА




