Неколку германски воени бродови денеска ќе пристигнат во северното норвешко пристаниште Харстад за учество во мултинационална воена вежба, насочена кон зајакнување на соработката во услови на зголемени геополитички тензии, јави ДПА.

Околу 2.500 војници од Норвешка, Белгија, Данска, Холандија и Германија учествуваат во вежбата, соопшти германската морнарица. Шведска и Литванија присуствуваат како набљудувачи. Вежбата „Мјолнир 2026“, во која учествуваат вкупно осум бродови, се одвива под германска команда.

Германските сили ги вклучуваат фрегатите „Заксен-Анхалт“ и „Хамбург“, како и помошниот брод „Бон“, кои испловиле од матичното пристаниште Вилхелмсхафен, изјави портпарол на морнарицата. Во вежбата учествуваат и корветите „Брауншвајг“ и „Ерфурт“.

Актуелната безбедносна состојба го зголеми „значењето на тесната соработка меѓу партнерите во Европа и НАТО“, соопшти германската морнарица. „Особено северното крило претставува стратешки важна област, чија одбрана и надзор мора да се обезбедат преку блиска координација“, се наведува во соопштението.

Вежбата ќе се одвива непрекинато „на море и на копно во текот на неколку дена и ноќи, под реалистични оперативни услови“. Целта е да се усовршат процедурите под временски притисок, дополнително да се зајакне соработката меѓу партнерите и да се обезбеди оперативна способност дури и под висок степен на стрес.