„Јасновидец… трагичен македонски пророк“ е насловот на новата книга на Ставре Џиков во која тој, покрај познатите случувања и сомнежи поврзани со смртта на големиот Кочо Рацин, поместува и нови дилеми, но и нови моменти за откривањето на неговиот гроб, како и за пренесувањето на книгите со неговата збирка „Бели мугри“ печатена на македонски јазик во Самобор, прво во Белград, а потоа и во Скопје. Голем дел од книгите од Самобор во Белград ги пренесува поранешниот претседател Киро Глигоров, а од Белград во Скопје Коле Чашуле.
Дека Глигоров во тој период пријателствувал со Кочо Рацин речиси и да не се знае, вели Џиков, а тој го открива тоа во мемоарите „Македонија е се што имаме“, чии делови се пренесени во книгата.
„Си споменувам на Рацин уште од тоа време како на истакнат комунист, мислам дека веќе двапати лежел во затвор. Се држеше онака гордо, го знаеја властите, но ништо не му можеа. Нашите врски со Рацин продолжија и во Белград подоцна. Кога бев на студии во Белград често се гледав со него. Така кога ја отпечати на македонски јазик збирката песни „Бели Мугри“ во Самобор, Хрватска, ме замоли да појдам таму, и ако можам да земам со себе што повеќе примероци од неговата збирка. Ми даде овластување и јас отидов во Загреб, каде се поврзав со нашите студенти. Потоа отидов во Самобор и ја најдов печатницата. Се гледаше дека графичарите беа лево настроени или работеле за партијата, видов еден куп книги како стојат таму па ги прашав: Колку можете да ми дадете од овие книги да однесам во Белград, да се поделат меѓу студентите, како и да пратиме во Македонија? Тие ми излегоа во пресрет, колку може максимално. Прво ми спакуваа еден голем пакет, а потоа зедов уште колку што можев да ставам во чантата и ги донесов во Белград. Тоа беше голем настан, празник зашто песните отпечатени во „Бели Мугри“ и денес не можат да остават никого рамнодушен“, пишува Глигоров во мемоарите „Македонија е се што имаме“ во делот „ Влијанието на постарите – Кочо Рацин“.
Џиков вели дека во идејата да истражува дали тој го познавал Рацин и дали биле пријатели го водела интуиција, бидејќи имал лични контакти со Киро Глигоров во два наврати многу важни за претседателот.
-Тоа е 1994 година кога беа изборите, член на ДИК и 1999 година кога станав државен обвинител, кога го отворив атентатот повторно, а кој беше затскриен, заборавен. И јас читајќи многу и за покојниот претседател и неговите мемоари, ми се јави некоја интуиција. Велам, ајде да проверам во книгата „Македонија се што имаме” во регистарот дали го спомнал Кочо Рацин, дали се сретнале некаде. Првата вечер не можев да најдам ништо. Втората вечер продолжувам, велам да не сум пропуштил по регистерот на било кој начин да е спомнат, не со име и презиме… И третата вечер го прегледував периодот пред војната и за чудо, тука ја има и со неа почнав. Насловот на делот од Мемоарите каде ова го споменува Глигоров е „Влијанието на постарите – Кочо Рацин“ и во тоа негово сеќавање и сведоштво го исчитав и тоа ме мотивира да ја објавам книгата“, вели Џиков за МИА кој додава дека од ова може да се види дека првите примероци на „Бели Мугри“ од печатницата во Самобор во Белград ги донел Киро Глигоров.

Пренесувањето на книгите од Белград, пак, за Скопје, според Џиков, му било доверено на Коле Чашуле и неговиот брат Димко.
„Тоа прво ми го потврдија сеќавањата на Коле Чашуле. Во книгата се цитирани делови од Антимемоари, кои ги најдов и читав и во кои се пренесени четири сведоштва на Коле Чашуле за тие времиња. Тој кажува како со неговиот брат ги префрлуваат книгите од збирката „Бели Мугри” од Белград за Скопје преку партиски јавки и организации“, вели авторот на книгата.
Чашуле си споменува дека со брат му Димко добиле задача да ги пренесат во Македонија отпечатените книги со збирката „Бели Мугри“, кои веќе биле пренесени од Хрватска во Белград.
„Тогаш во летото 1939 година со брат ми Димко добивме задача од Белград во Скопје да пренесеме куфер со штотуку отпечатените примероци од оваа култна книга на Рацин. Некоја партиска врска ја имаше префрлено од Загреб до Белград, нам ни ја доверија за понатаму. Среќно ја донесовме и ја предадовме“, пишува Чашуле во Антимемоарите.

Втора приказна што го инспирирала Џиков да ја напише книгата е, како што вели, една историски истражена приказна од велешанец кој го наоѓа внукот на Рацин, кој исто така, се вика Кочо, Кочо Солев.
„Тој е професор по општотехничко образование. Го наоѓа и му сведочи. Што сведочи? Дека мајка му на Кочо Рацин, Марија, си го бара синот да го погребаат. На нејзино инсистирање се прави група, тоа го сведочи внукот на Кочо Рацин, кој е дел од неа и одат на Лопушник во 1945 година. Земале лопати и казми да го најдат гробот. Тие што биле на власт не го ни знаеле местото каде е неговиот гроб. Многу интересна, потресна приказна и јас викам ова треба да се објави чисто во име на правда, на почит кон Кочо Рацин и неговата идеја. И што прави групата, оди на лице место. Внукот раскажува дека му покажувале на различни места, но, на ниту едно не го нашле гробот. Потоа на едно место на кое му покажале удрил со копачот и му го скршил черепот на Рацин кој бил тука закопан. Толку плитко бил закопан само нафрлани биле камења, греди, црепови…“, вели Џиков.
Тој нагласува дека оваа приказна, заедно со приказната од покојниот претседател Киро Глигоров, го мотивира да ја напише книгата и уште еднаш да му оддаде почит на големиот револуционер и поет Коста Солев Рацин.
Извор: МИА




