Европскиот парламент денеска, по повод Меѓународниот ден на слободата на медиумите, ја повтори својата „непоколеблива посветеност“ на тоа новинарите да ја вршат својата работа „безбедно, без закани, насилство и застрашување“.
Претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, во изјава објавена на Х рече дека „храброста не треба да биде во описот на работното место на новинарот, а сепак премногу често е“.
– Новинарството не е само работа, тоа е јавен сервис, столб на нашата демократија и затоа вашиот збор е толку важен – нагласи Мецола.
Таа додаде дека затоа Европскиот парламент секогаш ќе биде сојузник во одбраната на слободата на говорот и заштитата на оние кои известуваат и кога известувањето е под закана.
– Тоа го покажавме преку европскиот Закон за слобода на медиумите и преку анти-SLAPP законите кои спречуваат злоупотреба на судски случаи наменети конкретно против новинарите – нагласи Мецола.




