Кинеските власти денеска повикаа на целосен прекин на огнот на Блискиот Исток и повторно отворање на Ормуската Теснина, по самитот меѓу претседателите на Кина и САД, Шји Џинпинг, и Доналд Трамп.
„Морските патишта треба да се отворат што е можно поскоро, како што бара меѓународната заедница… Мора да се воспостави сеопфатен и траен прекин на огнот што е можно поскоро“, соопшти денеска кинеското Министерство за надворешни работи, објави парискиот весник „Ле Монд“.
Кинеските власти нагласија дека нема причина за продолжување на војната, која никогаш не требаше да се случи.
Шји и Трамп за време на нивните средби вчера и денеска разговараа за ситуацијата на Блискиот Исток.
Соопштението на кинеското Министерство за надворешни работи беше и конкретен одговор на новинарско прашање дали двајцата лидери разговарале за Иран.
Трамп изјави за американските медиуми дека неговиот кинески колега го уверил дека Пекинг нема да испраќа воена опрема во Иран и дека е подготвен да помогне во повторното отворање на Ормуската Теснина.
Иранските власти вчера објавија, за време на самитот во Пекинг, дека нивните сили дозволиле премин на неколку кинески бродови.




