Јапонската премиерка Санае Такаичи соопшти дека за време на телефонскиот разговор со претседателот на САД, Доналд Трамп, двајцата го потврдиле непоколебливиот сојуз меѓу Јапонија и САД.

Трамп разговарал со Такаичи додека бил во претседателскиот авион „Ер Форс Уан“ само неколку часа по завршувањето на неговата дводневна посета на Кина.

Разменивме мислења за прашања поврзани со Кина, вклучително економијата и безбедноста, и ја потврдивме потребата од тесна координација за темите што го засегаат Индо-пацифичкиот регион – изјави Такаичи по разговорот.

Двајцата лидери разговарале и за теми поврзани со Иран, при што јапонската премиерка ја претставила позицијата на Токио за тие прашања. Таа, сепак, не одговори на прашањето дали за време на разговорот се дискутирало и за Тајван.

Според Такаичи, Трамп детално ја информирал за својата посета на Кина, под услов содржината на разговорот да остане доверлива.