Договорот од Преспа е презначаен за да пропадне, нагласи шефот на македонската дипломатија Никола Димитров.
Тој во интервју за турската агенција Анадолија, кое го пренесува МИА, вели дека влоговите што се направени, како и позитивните пораки од целиот свет му дават круцијално значење на Договорот од Преспа.
Димитров потсети дека Владата на грчкиот премиер Алексис Ципрас неодамна доби доверба во Парламентот и смета дека наскоро, Договорот ќе биде ратификуван и во Грција.
-Сметам дека наскоро, станува збор за денови, ќе ја видиме ратификацијата во грчкиот Парламент, рече Димитров и додаде дека потоа грчкото законодавно тело ќе се гласа за Протоколот за пристапување на Македонија во НАТО.
-Македонија загуби цела генерација чекајќи поради спорот со името, рече шефот на македонската дипломатија, нарекувајќи го историски процесот за решавањето на спорот.
Потсети дека Македонија од 2005 година е кандидатка за ЕУ. – По Турција ние сме земјата со најголемо искуство во чекалната, додаде тој.
Димитров истакна дека по комплетирањето на процесот на ратификација во Грција, членството на НАТО во Македонија ќе биде побрзо, отколку тоа во Унијата.
-Формално, во зависност од брзината на процесот на ратификација на Протоколот во различните парламенти, тоа ќе се случи најверојатно на почетокот на следната година, рече македонскиот министер за надворешни работи и додаде дека фактички земјата порано ќе седне на масата со останатите земји-членки на НАТО, можеби уште следниот месец или во март.
Потсетувајќи дека Турција беше една од првите земји кои ја признаа независноста на Македонија, Димитров нагласи дека двете држави имаат специјални односи.
– Дел поради тоа што делевме заедничко живеење со векови за време на Отоманската имплерија и дел затоа што има многу Турција кои емигрирале од Македонија во Турција, рече тој и додаде дека во моментов исто така во Македонија живеат многу Турци.
-Тие се мошне добро интегрирани во нашето општество, истакна Димитров, кој за време на престојот во Анкара се сретна со шефот на турската дипломатија Мевљут Чавушоглу, со кого разговараше за начините за унапредување на економските односи, но и за прашањето за бегалаците, стабилноста на Балканот и борбата против тероризмот.
Во врска со можната размена на територии меѓу Косово и Србија, Димитров во интервјуто за Анадолија, кое го пренесува МИА, вели дека во обединета Европа границите се речиси невидливи.
-Размена на територии, етнички граници се концепти на минатото, истакна македонскиот министер и додаде дека Македонија е мошне горда на својата разноликост, во земјата живеат Турци, Албанци, Срби, Власи, Бошњаци и Роми.
-Го поздравуваме дијалогот меѓу Белград и Приштина, но мораме да бидеме мудри, рече Димитров, додавајќи дека бевме сведоци на хуманитарните трагедии на Балканот во ’90-те години од минатиот век кога беа идеализирани и глорифицирани етничките граници.