38-годишен маж бил нападнат од ајкула околу 10 часот наутро во саботата на островот Ротнест, недалеку од Перт, Австралија. Започната е итна операција за спасување и човекот бил пренесен со брод до пристаништето во заливот Џорди.

Голем број спасувачи и служби за итни случаи гледале како полицијата и лекарите се обидуваат да извршат кардиопулмонална реанимација. Сепак, човекот не можел да биде спасен, изјави портпаролот на полицијата.

– Полицијата на Западна Австралија ќе подготви извештај за починатиот- додаде тој.

Телото на човекот било ставено на носилка, а потоа префрлено во амбулантно возило. Одделни снимки од местото на настанот покажуваат маж со подводна пушка во брод на морнарската полиција, поврзан со помал брод.

На островот, кој се наоѓа на 19 километри од брегот на Фримантл, пристигнал и хеликоптер за спасување. Одделот за примарни индустрии и регионален развој (DPIRD) соопшти дека добил извештај дека маж бил каснат од ајкула долга околу четири метри.

„Surf Life Saving WA“ објави на социјалните мрежи дека околу 10 часот утрово е забележана голема бела ајкула долга околу пет метри, на околу 80 метри од брегот. DPIRD ги повика граѓаните да бидат дополнително внимателни во областите Horseshoe Reef и Marjorie Bay.

Тие додадоа дека патролен брод ќе ја следи областа. Посетителите на плажата се замолени да пријават какви било појави на ајкули кај властите. Островот Ротнест е заштитен природен резерват и многу популарна туристичка дестинација.