На аеродромот во Сплит денес се случи инцидент за време на полетувањето на авион на „Кроација ерлајнс“.
Како што објави „Далмација Данас“, авионот требало да полета кон Франкфурт, но од непознати причини завршил надвор од пистата, на тревната површина покрај пистата.
Според првите информации, излетувањето се случило за време на постапката за полетување, под сè уште нејасни околности.
Во овој момент не е познато дали има повредени, ниту колкава е материјалната штета на авионот.
Од аеродромот во Сплит е потврдено дека сè се случило околу 13:30 часот на летот за Франкфурт.
„За време на полетувањето, од непознати причини, авионот Ербас А220 скршнал од пистата и делумно завршил на тревната површина. Оштетен е поради удар во вертикалната ознака и рабните делови на пистата“, се наведува во соопштението.
Во авионот имало 132 патници и пет члена на екипажот. Сите беа безбедно евакуирани веднаш по инцидентот, додека техничките служби работат на отстранување на авионот од пистата.
„Аеродромот соработува со Хрватската агенција за цивилно воздухопловство и Агенцијата за истражување на несреќи за кои е известено“, соопшти аеродромот во Сплит.




