Групата седум најразвиени земји (Г-7) е точниот форум за дискусија за тоа како да се стави траен крај на војната во Иран, која заедно со блокадата на Ормуската Теснина претставува сериозна закана за светската економија, изјави германскиот министер за финансии Ларс Клингбајл.

Клингбајл патува за Париз за да се приклучи на состанокот на министрите за финансии и гувернерите на централните банки на Г-7, кој ќе се одржи денеска и утре.

– Нашиот пат како Европејци останува јасен: ние се потпираме на соработка, а не на конфронтација. Се потпираме на партнерства, сигурност, отворена трговија и на моќта на владеењето на правото – изјави Клингбајл.

Министерот истакна дека последните кризи ја нагласиле потребата Германија и Европа да станат понезависни и поотпорни, особено во однос на суровините, енергетиката и синџирите на снабдување. Тој најави дека во Париз ќе разговара и со министрите за финансии на Бразил, Индија, Јужна Кореја и Кенија, со цел проширување на меѓународните партнерства.

Германскиот министер исто така порача дека Германија нема да дозволи кризата на Блискиот Исток да го одвлече вниманието од војната на Русија против Украина. Планирано е Клингбајл во Париз да потпише договор за избегнување на двојното оданочување со својот украински колега Серхиј Марченко.

– Ова ја засилува економската размена и создава правна сигурност – забележа тој.