Црногорскиот пејач Бобан Рајовиќ сними песна за Македонија. Тоа е нумера, вели, „посветена на Македонија, на луѓето, емоцијата, спомените и чувството коешто не може да се доживее никаде на друго место“. На поп-пејачот, кој е едно од најпрепознатливите музички имиња од соседството, конечно му дојде токму тој момент и по 26 години кариера ја сними песната што „долго му лежела на срцето“, како што вели. „Ружа са југа (Роза од југот)“ е неговата најлична приказна досега.
– Некои песни не се пишуваат за да станат хит, туку затоа што душата предолго молчела. А можеби едноставно и не се создал вистинскиот миг. Луѓето кои никогаш не биле во Македонија мораат да дојдат овде. Во моментот кога ќе зачекорат на македонска почва ќе почувствуваат една душа, една емоција, едно гостопримство. Сѐ тоа сум го почувствувал секогаш кога сум дошол овде. Имам многу македонски пријатели и долго, долго размислував за песна за Македонија или песна во која ќе се споменува Македонка. Се надевам дека луѓето низ „Ружа са југа“ ќе ја почувствуваат душата на оваа земја, мојата душа, а низ спотот ќе ги видат и преубавите предели. Едноставно морав да го направам ова затоа што долго ми лежеше на срцето“, вели Рајовиќ, откривајќи дека идејата за ваква песна ја носел во себе уште од времето кога растел со Македонци во Данска, изјави Рајовиќ.
Автор на песната е Славко Стефановиќ – Славкони, човекот чие име стои зад голем број регионални хитови, а видеоспотот е вистинска разгледница од Македонија. Беше снимен на неколку автентични локации, меѓу коишто и Галичник, Охрид, Свети Николе и Кавадарци.
Зад спотот стојат Мелем продукција и Огнен Шапковски, а главната женска улога ја доби македонската манекенка Ангелина Китановска, која Рајовиќ лично ја избрал и која, како што вели, се издвоила по својата природна убавина. „Ружа са југа“ ќе биде промовирана во рамки на првиот дел од новиот албум на Рајовиќ, којшто излегува на 26 мај. Првиот дел од проектот содржи четири песни и, како што открива тој, сите се автобиографски и длабоко лични.

– Ова е вистинскиот Бобан Рајовиќ. Конечно почнав да се занимавам со песни што навистина ми лежат, порача пејачот, најавувајќи големи концерти во Македонија во периодот што следува.
А ако се суди по емоцијата што ја носи „Ружа са југа“, ова нема да биде само уште една песна. Ова ќе биде „песна во која многумина ќе се пронајдат“, затоа што не е создадена само да се слуша, туку и да се почувствува. Да се почувствува Македонија низ очите на човек кој одамна ја носи во срцето.
Фото: ПР инфо




