Шпанската полиција денеска го уапси Џонатан Андик, син на починатиот милијардер и основач на познатата модна куќа „Манго“, Исак Андик, под сомнение за можна вмешаност во смртта на својот татко.

Основачот на светскиот моден бренд, 71-годишниот Исак Андик, во декември 2024 година загина по пад од карпа висока речиси 150 метри додека планинарел во близина на Барселона заедно со својот 45-годишен син Џонатан, кој воедно бил и единствениот сведок на трагичниот настан. По неколку недели од несреќата, полицијата ја затвори првичната истрага, но повторно ја активира во март 2025 година за во октомври истата година и официјално да потврди дека смртта на милијардерот се третира како можно убиство.

Портпаролот на регионалната полиција соопшти дека Џонатан Андик денеска бил спроведен во судот во Марторељ, град во источна Шпанија, каде што се води истрагата за овој случај. Андик е најстариот син на основачот на „Манго“ и ја извршува функцијата потпретседател на Управниот одбор на компанијата.

Модната куќа „Манго“ претставува еден од најголемите шпански и европски малопродажни синџири, кој располага со речиси 2.900 продавници во 120 земји во светот, вклучувајќи и два продажни објекти во Белград. Првата продавница на брендот е отворена во Барселона во 1984 година, а според финансиските извештаи, компанијата во 2025 година остварила импресивен приход од речиси 3,8 милијарди евра.