Тоа што неколку лица, познати во јавниот политички живот седнале да испијат заедничко кафе, не е ниту некаква вест, ниту информација која било кому ќе создаде главоболка, пишува Курир.

Тоа што тие го претставија како случајна средба во трговски центар „овековечена“ за на социјалните мрежи, можеше така да помине доколку не се чувствуваше горкиот вкус на нивните зборови во блиското минато.

Висок функционер на СДСМ, Рубин Земон, од синоќа повлечен под притисок од јавноста, во Бугарија остварил средба или дружба со Виктор Стојанов од фондацијата „Македонија“ од Софија.

Јавноста е сведок на нивните ставови кои изминатиов период ги повредија сите македонски граѓани, па на секој му е сосема јасно дека овие луѓе на кафето кое седнале да го испијат не зборувале за временската прогноза или за светско првенство, туку за нивната омилена тема – понижување на сè што е македонско.

Да потсетиме што мисли Земон за името со кое гордо ја започнуваме македонската химна – Гоце Делчев.

„Гоце Делчев не е важен за македонскиот идентитет и тој не направил ништо за Македонија“. Претставувајќи се себеси како научник, Рубин Земон „удри“ по Гоце Делчев во обид да им се додворува на Бугарите со кои дебатираше онлајн.

-Гоце Делчев, ништо не напишал во животот, ниту една битка не извојувал никаде, а направен е мит од него. Требаат аргументи и докази. Која книга Гоце Делчев ја напишал? Што напишал човекот? Каде војувал? – рече тој.

Виктор Стојанов подолго време е предводник на негирањето на македонскиот народ од Софија. На Стојанов, токму во време на СДСМ му беше забранет влез во Македонија, поради ширење на говор на омраза против македонскиот народ.

Тој тврди дека Македонците не постојат и се Бугари, а македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот. Пред четири години ја доби забраната поради предизвикување на омраза за време на честувањето на роденденот на Гоце Делчев.

И сега, едниот кој вели дека Делчев не е Македонец и дека ние како народ воопшто не постоиме и другиот кој вели дека Делчев не е важен за македонскиот идентитет, седнале да пијат кафе и очекуваа ние да им посакаме да им е „на здравје“?

Не може кафето да ви биде слатко, колку шеќер и да ставите во него бидејќи горчлив е вкусот во устата додека фрлате отров по Македонија.