Денешниот ден повторно ја разоткри коалицијата СДСМ, ДУИ и Левица, кои синхронизирано и координирано повторно ги насочија сите свои сили кон мене. На пратеничките прашања СДСМ повторно со своето папагалско повторување на зборот оставка и ДУИ со своите традиционални измислени етнички прашања, а Левица со поднесувањето на нова интерпелација. Три партии, наводно различни и наводно спротивставени, денес повторно усогласени и координирани за една единствена цел, пишува министрот за внатрешни работи Панче Тошковски на својот фејсбук-профил.
Како што вели, Левица ја најавила третата интерпелација против него за помалку од две години.
-Како и претходните две и оваа повторно беше најавена преку режирана прес-конференција, повеќе со евтин политички настап отколку со суштински аргументи. Но, како и да е, сакам една работа да биде целосно јасна. Интерпелацијата е демократско право на опозицијата и јас тоа право целосно го почитувам. Ниту сум бегал, ниту ќе бегам од расправа. Напротив, аргументите ќе ги соочам таму каде што треба, во Собранието, јавно, пред сите пратеници и пред граѓаните. Таму секој ќе има можност да каже што мисли, а одлуката нека ја донесат избраните претставници на народот, согласно сопствената совест и одговорност.
Но, исто така, не можам да премолчам нешто што одамна им е јасно на граѓаните. Левица уште еднаш покажа дека, свесно или несвесно, станува најкорисниот сојузник на СДСМ и ДУИ. Истите тие партии против кои со години градеа имиџ на алтернатива и ветуваа поинаква политика, денес практично ги бранат преку напади кон секој што се обидува да воведе ред, одговорност и функционирање на системот, вели Тошковски како одговор на најавата на Левица за поднсување интерпелација против него.
Смета дека е лесно од опозициска клупа да се пишуваат интерпелации и да се држат прес-конференции, но оти многу потешко е да се води институција, да се носи одговорност, да се донесуваат одлуки и да се штити безбедноста на граѓаните.
-Луѓе кои никогаш не раководеле со институција, не управувале со буџет и не понеле реална одговорност, денес држат лекции за тоа како се води Министерството за внатрешни работи. Вистината е дека Левица го достигна својот политички максимум без зад себе да остави ниту еден конкретен резултат, ниту една реализирана реформа, ниту едно решено прашање. А сега, кога граѓаните сè појасно го препознаваат нивното вистинско политичко лице и кога нивната поддршка почнува да паѓа, единственото што им останува е агресивна политичка конфронтација и создавање вештачки кризи, вели министерот за внатрешни работи.
Додава дека оваа трета интерпелација не е израз на грижа за државата, туку евтин политички обид да се закочи процесот на расчистување со криминалот, корупцијата и долгогодишната неказнивост која ја практикуваа нивните денешни партнери.
-Затоа што кога системот конечно почнува да функционира, најмногу се вознемируваат токму оние што со години профитирале од неговото нефункционирање. Не се напаѓа оној што е неважен, се напаѓа оној што менува нешто. Јас ќе продолжам да работам, ќе продолжам да се борам со аргументи и со резултати. А конечниот суд, како и секогаш, ќе го дадат граѓаните, пишува Тошковски на Фејсбук.




