Американскиот Стејт департмент вчера соопшти дека на почетокот на јуни ќе означи две бразилски нарко-банди за странски терористички организации.

Бандите – Primeiro Comando da Capital – PCC, и Comando Vermelho – CV „се две од најнасилните криминални организации во Бразил“, се наведува во соопштението на Стејт департментот, пренесено од ДПА.

„Заедно, тие командуваат со илјадници членови и досега оркестрираа брутални напади врз бразилски полицајци, јавни службеници и цивили“, се додава во соопштението.

Двете групи ќе се сметаат за странски терористички организации од 5 јуни, наведе Стејт департментот во соопштението.

PCC се смета за најмоќна криминална организација во Бразил и клучен играч во шверцот на кокаин од земјите на Андите.

CV, исто така, е еден од најголемите криминални синдикати во земјата и е активен во трговијата со дрога. Полициските операции против бандите редовно резултираат со голем број смртни случаи.

Бразилската влада се обиде да спречи групите да бидат означени како терористички организации, тврдејќи дека според бразилскиот закон тие не следат политички или идеолошки цели, пренесе ДПА.

Владата на претседателот Луиз Инасио Лула да Силва стравува дека таквото означување би можело да им даде на САД правна основа за построги мерки, потенцијално вклучувајќи операции на бразилска територија.

Овој потег ја проширува стратегијата на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп за третирање на латиноамериканските картели и банди како терористички групи.

Неколку нарко-банди неодамна беа означени како странски терористички организации, вклучувајќи ги Трен де Арагва од Венецуела, Картелот на Заливот од Мексико и Лос Лобос и Лос Чонерос од Еквадор, потсетува ДПА.