Проф. д-р Бранко САРКАЊАЦ
Македонија допрва треба да почне да гради една транскултурална, мултидисциплинарна перспектива. Притоа, не може многу да се очекува дека историската наука, како автопоетски, автореферентен подсистем во државата, лесно ќе може да направи нешто посериозно на планот на каква било, како што ја нарекуваат, транскултурална транснационална историографија. И тука на самиот почеток работите се усложнуваат. На планот на транснационална историографија на историската наука ѝ е потребна логистиката на политиката, пред сè, на меѓународната политика.
Македонската меѓународна политиката на овој план би можела да се раководи од три, условно наречени, дипломатски позиции кои се темелат или се инспирирани од три големи и влијателни дипломатски позиции или искуства на светски дипломати: Хенри Кисинџер, Ханс-Дитрих Геншер и Роман Херцог.
Така, Кисинџер зборува за легитимен поредок кој се темели на рамнотежа на силите и на признавање на реална политичка состојба на национални интереси кои се судираат, натпреваруваат, но не и оспоруваат. Постоењето на Република Македонија е реалност која мора да се прифати, и постоењето на национални интереси на Република Македонија, исто така, мора да се прифати. Како што стојат работите, тука ситуацијата е можеби најјасна. Никој не сака наметнување на решавањето на спорот со сила, никој не сака дестабилизација на регионот.
Во врска со Геншер се работи за политика на градење на целосна меѓусебна доверба. Самиот Геншер го определува вака геншеризмот: тоа е надворешна политика која води сметка за интересите на сите учесници, на сите вклучени. Но нема доминација и надмоќ, супериорност, туку политика која се базира на рамноправност и еднаквост. Какви се изгледите да добиеме некоја грчко-македонска варијанта на геншеризмот? Тука акцентот е на прашањето на довербата и на добрососедски односи на рамноправни партнери кои меѓусебно се признаваат и почитуваат.
Што се однесува до нас, оваа позиција треба да се гради со многу дипломатија и со многу креативност.Мора да укажам на неконзистентноста на оваа Геншерова позиција во однос на Република Македонија. Според неколкумина македонски дипломати улогата на Геншер во “признавањата на Македонија” е оценета од контроверзна до катастрофална. Доколку се во право, дотолку полошо по ЕУ. Геншер не треба да се отфрли, туку, напротив, со тој Геншер што го спомнувам горе “на глава да му се качат” на Брисел и геншеризмот да стане уште една приказна за двојните стандарди на Европската Унија.
Германскиот претседател Роман Херцог (1994-1999) има посебен придонес во историјата на суверена Македонија. Неговата улога во Бадинтеровата комисија треба да ја почитува секој граѓанин на Република Македонија. Веднаш мора да се каже дека таа не беше израз на сожалување или на ad hoc одлука. Се работи за принципи. За принципи со кои раководеше претседателот Херцог. Во неговата програма на посети на земји во Европа неговиот принцип е „прво малите земји“.Самиот вели дека на малите земји сака да им го даде чувството дека „Германија не е директорат на помалите земји членки“. Негов став е дека „нам во оваа Европа со нејзината културна разновидност ни требаат нови идеи“ и дека малите земји имаат да понудат идеи. Тој се противи на идејата Германија како голема земја хегемонистички да се постави спрема другите земји. Херцог, еднакво принципиелно, се занимаваше со прашањето на малцинствата во Европа. Според него„мирот ќе дојде во многу делови на светот, и во Европа, кога сите национални малцинства ќе се здобијат со фер статус на малцинство“. Ова мора да биде и наша позиција. И можеме да извлечеме сопствен заклучок (зашто него го нема експлицитно кај Херцог): не може само Република Македонија во целото опкружување интензивно и постојано да работи на статусот на малцинствата, а тоа да не се смета за елемент на преговарачка позиција.
Тоа се трите позиции кои мора да се земат предвид. Прво, прифаќање на реалноста на постоењето на Република Македонија и на мнозинството нејзини граѓани кои се чувствуваат и изјаснуваат како Македонци. Второ, разбирање на политичката стварност на соседот и градење целосна меѓусебна доверба. И трето, фер решавање на статусот на малцинствата во регионот, односно соседството на Република Македонија.
Транскултуралната историја може да се пишува само ако ја има поддршката на овие три позиции…
…Македонската современа историја почнува од онтолошката претпоставка која може условно да се нарече „крајот на историјата на Фукујама“ и до ден денешен не успева да го надмине прашањето на оспорена нација. Денес, во 2017 година, се соочуваме со можноста да се оствари предвидувањето на Кондилис за крајот на либерализмот во 21 век и тоа може да донесе нови посурови „правила на играта“.Само по 30 години по “крајот на историјата” може да се соочиме со повторно менување на светската глобална идеолошка матрица.
Македонската историја уште некое време ќе мора да се справува со два мачни предизвика: новата геополитичка констелација и новонастанат поредок со крајот на „крајот на историјата“ на Фукујама и опасноста од изнедрување на „постсовремени“ национализми на соседите на Македонија.
Текстот е напишан во 2017 година




