Пратеничката група на грчката партија Нова левица, формирана од поранешни членови на СИРИЗА, по две и пол години постоење се распадна, со оглед на тоа што седум од 11 пратеници си заминуваат од партијата, а заедно со нив и уште 143 членови, јави дописничката на МИА од Атина.
Преку допис испратен до секретарот на партијата Гаврил Сакеларидис, вкупно 150 членови соопштуваат дека си заминуваат од Нова левица, објаснувајќи дека ја напуштаат, бидејќи веруваат дека „циклусот што започна пред две години ги достигна своите граници“, но и дека станува збор за „тешка, но неопходна одлука“.
Велат дека денес јасно гледаат дека стратегијата што ја избира мнозинството од раководството на Нова левица не може да одговори на претходно поставените потреби, дека постојат несогласувања и затоа им се разделуваат патишта.
– Сегашниот режим не смее да добие трет мандат, со или без Мицотакис. Го слушаме ова барање. Не веруваме дека е потребно целосно усогласување за да постои заеднички тек. Она што е важно е создавањето услови за големо политичко и општествено обединување, со крајна цел левичарските идеи да се претворат во применети радикални политики. Обновената и радикална левица денес може и мора да биде корисна во борбата на народот за демократија и правда, во борбата на народот за живот, а не за преживување, во борбата за мир и против современите облици на варварство, како што е геноцидот врз палестинскиот народ од страна на Израел. Таму денес се води вистинската битка и за таа цел ќе работиме, посочија членовите на Нова левица во нивното писмо во кое ги објаснуваат причините за напуштањето на партијата.
За една пратеничка група да функционира во Парламентот, согласно правилникот, потребно е да има најмалку 10 пратеници, а со заминувањето на седумтемина, Нова левица останува без пратеничка група.
Повлекувањето на 150 членови од Нова левица, доаѓа кусо откако Алексис Ципрас, со кој во минатото беа заедно во СИРИЗА, ја промовираше неговата нова партија.
На почетокот на декември 2023 година, 11 поранешни пратеници од СИРИЗА од две фракции, кои ја напуштија партијата поради несогласувањата со тогашниот лидер Стефанос Каселакис и станаа независни, ја формираа новата пратеничката група под името Нова левица.
Според последните истражувања на јавното мислење во Грција, рејтингот на Нова левица е под еден отсто, на СИРИЗА околу 1,5 проценти, додека пак ЕЛАС, партијата на Ципрас е на втората позиција.




