Кирил МИНОСКИ

Ниту една држава не може долгорочно да обезбеди стабилност ако во неа владее чувство на неправда.
За жал, токму системската неправда е една од главните причини за разочараноста, апатијата и недовербата во државата и нејзините перспективи. На тој начин директно се поткопуваат темелите на општеството и се ограничуваат можностите за развој на демократијата и економијата.

Институционалната и општествената неправда не претставуваат само проблем од морален аспект туку тие се во основата на општествените противречности и конфликти.

Кога граѓаните гледаат дека правилата не важат еднакво за сите, дека трудот, знаењето и способностите се помалку важни од привилегиите, дека напредувањето не е резултат на работа и заслуги, туку на подобност, пристап до буџетски ресурси и различни форми на привилегиран третман, а одговорноста е селективна, тогаш довербата во институциите почнува да исчезнува.
На нејзино место се појавуваат гнев, разочараност и незадоволство. Се продлабочуваат поделбите во општеството и се создава конфликт меѓу оние кои имаат интерес да го одржат постојниот систем и оние кои сакаат да го променат.

Неправдата создава и искривена слика за вредностите што ги промовира едно општество. Таа ги обесхрабрува способните, ги демотивира чесните и испраќа порака дека успехот не е резултат на труд, знаење и интегритет, туку на негативна селекција, припадност и тргување со влијание.

Во таков систем, за одредена позиција нема да биде избран најквалификуваниот и најспособниот, туку најпогодниот. Во такво општество, криминалот се исплати, а оние што го практицираат можат да станат дел од општествено прифатената елита. Во такво општество, бизнисот се темели помалку на претприемништво, а повеќе на политички врски. На тој начин системот постепено влегува во состојба на континуиран конфликт, меѓу граѓаните и институциите, меѓу различните општествени групи, меѓу очекувањата и реалноста.

Со текот на времето, државите во кои доминира системската неправда стануваат лесна мета за надворешни влијанија, бидејќи го губат својот внатрешен општествен имунитет и способноста да се спротивстават на деструктивните процеси.
Македонија, за жал, во изминатите децении на независност се соочува токму со овој проблем. Чувството на системска неправда е еден од клучните фактори за негативните демографски трендови, за иселувањето на младите, ниското ниво на доверба во институциите и за економскиот раст кој не обезбедува просперитет кај најголемиот дел од граѓаните.

Кога успехот станува исклучиво резултат на индивидуален напор, а не на функционален и праведен систем, државата ги губи најдобрите човечки потенцијали и ги ограничува сопствените можности за развој. Затоа, правдата е предуслов за општествен мир, доверба, единиство и долгорочен развој.

Без системска правда нема силни институции. Без силни институции нема доверба кај граѓаните во институциите. А без доверба во институциите нема ниту стабилна држава, ниту просперитетно општество.