Препорачаната доза витамин Д во САД е 15 пати пониска отколку што би требало да биде, а во Обединетото Кралство е дури 22 пати пониска отколку што би требало да биде – вели британскиот професор Џон Кембел анализирајќи ја содржината на трудот „Статистичка грешка во процената на препорачаното дневно внесување витамин Д“, објавен во 2014 година.

Британскиот професор вели дека количината што навистина би била потребна за 97,5 отсто од популацијата да достигне ниво од 63 наномоли на литар не е ниту 600 ниту 400 единици, како што се препорачува во САД, односно Велика Британија, туку 8.895 меѓународни единици витамин Д дневно.

Кембел во јутјуб-видеото објавено неодамна посочува дека досега ова не е коригирано, иако поминале над 11 години, дека е нормално луѓето да прават грешки, но дека вообичаено ги поправаат многу побрзгу

– По сè изгледа, Институтот за медицина во САД, денес Национална академија за медицина, направил навистина необјаснива и едноставна грешка во врска со количината витамин Д што е потребна – нагласува Кембел.

Тој додава дека во Обединетото Кралство препораката е дури 22 пати пониска од потребната и вели дека се чини декоти британските власти, едноставно, ги следеле американските препораки.

– Според пресметките на Институтот за медицина, 600 единици витамин Д дневно, што е многу мала доза, односно 15 микрограми би требало да овозможат 97,5 отсто од населението да достигне целно ниво од 63 наномоли на литар. Тоа ниво одговара на приближно 25,2 нанограми на милилитар. Станува збор за различни единици на мерење, а факторот за конверзија е 2,5. Значи, нивната пресметка покажувала дека со внесување 600 единици дневно речиси сите, 97,5 отсто од луѓето, ќе достигнат ниво од 63 наномоли на литар – нагласува Кембел.

Тој го поставува прашањето која е, всушност, вистинската пресметка?

– Со внесување 600 единици дневно, 97,5 отсто од населението, всушност, би достигнале само 26,8 наномоли на литар, значи не 63 наномоли на литар, како што претпоставувале, туку 26,8 наномоли на литар, што одговара на речиси 10,7 нанограми на милилитар и спаѓа во дефицитарниот опсег. Со други зборови, тие мислеле дека добиваат едни резултати, а всушност добивале сосема други и сето тоа поради оваа едноставна грешка. Сосема неверојатно – нагласува Кембел.

Тој истакнува дека ако оваа грешка била исправена, тогаш препораките би се темелеле на точната пресметка.

– Зошто американските власти се одлучиле за 600 единици? Изгледа дека Британците, едноставно, рекле: „Ќе имаме приближно иста препорака. Не сакаме да биде сосема иста за да не изгледа како да копираме, па ќе ја измениме за неколку стотици единици. Не знам што точно се случило, но, искрено, ова не остава особено импресивен впечаток за работата на двете влади – нагласува Кембел.

Количината што навистина би била потребна за 97,5 отсто од популацијата да достигне ниво од 63 наномоли на литар, вели Кембел, не е ниту 600 ниту 400 единици, туку 8.895 меѓународни единици витамин Д дневно.

– Според авторите, можеби ќе бидат потребни 8.895 меѓународни единици витамин Д за 97,5 отсто од поединците да достигнат серумски нивоа на 25-хидроксивитамин Д над 50 наномоли на литар – посочува тој.

Кембел, прикажувајќи графикон, изјави дека она што мислеле со внесување 600 единици витамин Д е дека повеќето луѓе ќе бидат над нивото од 50 наномоли на литар, а просекот ќе биде околу 63 наномоли на литар.

– Значи, тоа е она што мислеле дека го добиваат. Но, она што навистина го добивале биле многу, многу пониски нивоа. Точките на графиконот ги претставуваат индивидуалните податоци и тие не се ни приближно до вредностите што ги очекувале. Да се вратиме повторно на нивните очекувања. Тие мислеле дека резултатите ќе бидат приближно 63 наномоли на литар. Во реалноста, со внесување 600 единици вредностите биле од 23 до 24 наномоли на литар. Навистина, ова звучи неверојатно. Како и да е, да навлеземе малку подлабоко – нагласува Кембел.

Причината за ова, додава британскиот професор, се нарекува грешка помеѓу просекот и поединецот. Посочувајќи дека не е експерт за статистика, но сепак има познавања и дека она што го направиле е дека ги анализирале просеците на групите наместо податоците на поединците.

– Искрено, доколку некој од моите студенти на трета година направеше ваква грешка, тоа би било разбирливо. Но ваква грешка да направи институција со буџет од повеќе милиони долари е нешто што навистина не би го очекувале. Овие институции ги имаат или може да ги ангажираат најдобрите статистичари во земјата. И покрај тоа, оваа едноставна грешка се повторува со години. Навистина е тешко да се сфати како е можно тоа – нагласува Кембел.

Тој во видеото се осврнува и на Канада, каде што, како што вели, се проценува дека луѓето преку исхраната внесуваат само 232 единици витамин Д дневно. Имајќи предвид дека просечната количина која е потребна е приближно 8.895 единици, луѓето само со исхраната не може да ја достигнат, а исто така и во Канада, во Обединетото Кралство и во голем дел од САД во текот на зимата практично не добиваат доволно од овој витамин од сонцето, а повеќето луѓе, секако, не земаат доволно додатоци во исхраната.

– Да се вратиме на графиконот. Според студијата, со внесување 600 единици витамин Д просечните вредности требало да бидат речиси 60 наномоли на литар. Тоа е она што истражувачите мислеле дека ќе го добијат. Но она што всушност го добивале не било на тие нивоа. Вистинските вредности биле многу пониски. Просечно 23 наномоли на литар наместо приближно 63. Каква разлика. Огромна разлика помеѓу она што мислеле дека го постигнуваат и она што навистина го постигнувале поради оваа, благо кажано, несреќна статистичка грешка – вели Кембел.

Нагласувајќи дека Институтот за медицина препорачал дневно внесување од 600 единици витамин Д за лица на возраст од 1 до 70 години, а во Обединетото Кралство препораката е уште пониска, само 400 единици дневно, односно 10 микрограми, посочи дека станува збор за навистина едноставна, но сериозна грешка и потенцира дека витаминот Д има значајна улога во многу аспекти на здравјето.

– Постојат истражувања што покажуваат дека повисоките нивоа на витамин Д се поврзани со помала смртност од рак на простата. За секои дополнителни 20 наномоли на литар циркулирачки витамин Д, ризикот од смртност од рак се намалува за речиси 9 отсто. Исто така, постојат податоци што укажуваат на заштитна улога против развојот на предијабетес и неговата прогресија кон дијабетес. Постојат познати врски и со ракот на дебелото црево, функцијата на имунолошкиот систем, срцевите заболувања и дијабетесот тип 1 – набројува британскиот професор.

Тој нагласува дека витаминот Д е една од наједноставните, најевтини и потенцијално најефикасни јавноздравствени интервенции што може да се спроведат.

– Тогаш се поставува прашањето: Зошто оваа грешка не е коригирана? Дали е намерно? Дали постои нешто што институциите го знаат, а ние не? Дали постојат некакви недекларирани мотиви? Не знам. Не можам да знам. Но да продолжиме со она што го знаеме. Институтот за медицина проценил дека 600 меѓународни единици витамин Д дневно се доволни за 97 отсто од луѓето да достигнат серумско ниво на 25-хидроксивитамин Д од речиси 59 наномоли на литар. Тоа е главната циркулирачка форма на витамин Д во крвта. Но тие погрешиле. Едноставно, тоа не било доволно – вели Кембел.

Посочува дека е познато оти нивоа од 59 наномоли на литар или повеќе имаат заштитно дејство врз здравјето на коските и помагаат во спречувањето одредени заболувања.

Ниво од 50 наномоли на литар, додава тој, генерално се смета за минимално потребно за спречување рахитис и други заболувања на коските.

Кембел вели дури и да се ограничи дикусијата само на здравјето на коските, сегашните препораки изгледа не се доволни, а доколку зборуваме за пошироки здравствени придобивки – како намален ризик од рак, имунолошки нарушувања, дијабетес или деменција – тогаш можеби се потребни уште повисоки нивоа.

Нагласува дека постојат и опсервациски студии што покажуваат поврзаност помеѓу повисоките нивоа на витамин Д и помал ризик од деменција.

– Да бидеме прецизни, сè уште нема доволно големи клинички испитувања, кои дефинитивно би го потврдиле тоа, но опсервациските податоци се интересни и заслужуваат внимание – вели Кембел.

Британскиот професор во видеото нагласува дека Институтот за медицина ги базирал своите препораки на анализа на 10 студии за суплементација со витамин Д, спроведени во текот на зимските месеци во области над 50-тата географска паралела. За споредба, речиси цела Канада се наоѓа на или над 50-тата паралела, а и поголемиот дел од Обединетото Кралство е над неа. Тоа значи дека во текот на зимата луѓето во овие региони произведуваат многу малку витамин Д преку изложување на сонце и најчесто зависат од внесувањето преку исхраната.

– Освен ако не земате големи количини масло од црн дроб од бакалар или други богати извори на витамин Д, тешко е да се постигнат високи нивоа само преку храна. Дури и во Австралија, каде што има многу сонце, недостигот на витамин Д е релативно чест бидејќи многу луѓе избегнуваат директно изложување на сонце – вели Кембел.

Тој посочува дека Институтот за медицина анализирал 32 студии за да ја пресмета просечната потребна доза. Го испитувале односот помеѓу внесената доза и концентрацијата во крвта. Самата идеја има смисла, но, додава тој, начинот на кој ги анализирале податоците бил проблематичен.

– Врз основа на тие анализи процениле дека 600 единици витамин Д дневно би резултирале со просечно ниво од 63 наномоли на литар. Но, според критиките на оваа студија, тие погрешиле. Точните потреби, според овие автори, можеби се блиску до 9.000 единици дневно. Тоа е значително повеќе од сегашната препорачана дневна количина од 600 единици дневно, како и предложената толерантна горна граница од 4.000 единици дневно – нагаласува Кембел.

Додава дека и нивните толерантни граници би можеле да бидат погрешни и дека треба повторно да се преиспитаат.

– И двете земји навистина треба сериозно да се позанимаваат со ова прашање. Станува збор за сериозна ситуација. Авторите на трудот велат дека јавноздравствените и клиничките импликации од погрешно пресметаното препорачно дневно внесување (RDA) витамин Д се сериозни – многу сериозни. Со сегашната препорака од 600 интернационални единици дневно целите за здравје на коските и превенција од болести и повреди нема да бидат постигнати, а камоли целите поврзани со дијабетесот, деменцијата или ракот – нагласува тој.

Британскиот професор вели и дека авторите препорачуваат препорачаното дневно внесување витамин Д да биде повторно разгледано за да се овозможи соодветно јавноздравствено и клиничко донесување одлуки и додава дека тоа е сосема оправдана препорака.

– Дозволете ми само да ви покажам од каде потекнува сето ова. Да, ова е студијата „Статистичка грешка во процената на препорачаното внесување витамин Д“. Тука е и веб-страницата на Националната академија за медицина со мотото „Здравје за сите, насекаде“. Можеби дел од решението е подобро регулирање на нивото на витамин Д кај населението. Порано ова беше поврзано со Националниот институт за здравство, а денес Национална академија за медицина. Тука се и препораките на НХС, кои препорачуваат 400 единици дневно. Постои и друг интересен труд што можеби ќе го разгледаме подетално во иднина, со наслов „Големата грешка со витаминот Д“. Значи, од таму произлегуваат овие заклучоци – додава тој.

Според британскиот професор, грешката се состои во тоа што биле анализирани просеците на групите наместо податоците на поединците.

Повторува дека целта на Институтот за медицина била да пронајде доза витамин Д што ќе овозможи 97,5 отсто од поединците да достигнат здраво ниво во крвта од најмалку 50 наномоли на литар.

– Статистичката грешка се појавила затоа што Институтот за медицина ги анализирал просечните резултати од разни студии наместо индивидуалните податоци на учесниците. Со други зборови, тие ги зеле просеците од студиите. Она што требало да го направат е да ги извлечат податоците за сите поединци од тие студии, да ги обединат во една база на податоци и повторно да ја спроведат анализата. Тоа е основниот принцип на метаанализата – вели Кембел и додава дека станува збор за многу основен статистички проблем.

Проблемот е, додава тој, што варијацијата помеѓу просеците на студиите е многу помала од варијацијата помеѓу поединците.

Со користење на просеците Институтот за медицина несвесно ги израмнил податоците, вели Кембел, и додава дека тие претпоставиле дека ако просечниот учесник во студијата бил во посакуваниот опсег, тогаш речиси сите учесници биле во тој опсег.

– Но, тоа, едноставно, не е точно. Да земеме аналогија од образованието. Замислете дека сакате да обезбедите секој ученик да има преодна оценка. Методот на Институтот за медицина би бил да ги разгледа просечните оценки на 30 училници. Потоа би поставил наставна програма, така што 97,5 отсто од училниците би имале просек за положување. Но реалноста е дека дури и во училница со просечна преодна оценка секогаш ќе има ученици што не положиле. Токму тоа е проблемот – појаснува британскиот професор.

Кога авторите на овој труд повторно би ја направиле пресметката користејќи ги индивидуалните варијации, кои се далеку поголеми од варијациите помеѓу студиите, нагласува Кембел, би откриле дека сегашното препорачано дневно внесување 600 интернационални единици не обезбедува 97,5 отсто од популацијата да го достигне целното ниво.

– Наместо тоа, тој обезбедува 97,5 отсто од луѓето да достигнат само околу 26,8 наномоли на литар во крвта – вредност што е далеку под посакуваниот опсег. Според нивната анализа, вистинската потребна количина е приближно 8.895 интернационални единици дневно. Доколку овие пресметки се точни, тогаш сегашните препораки претставуваат навистина сериозна и основна статистичка грешка – заклучува Кембел.