Според најновите податоци на Евростат (2023) и Европскиот парламент, пушењето во Европската Унија останува значаен здравствен предизвик, иако трендот на намалување е очигледен. Шведска стана првата земја во ЕУ што ја постигна целта за бездимна Европа, со само 8% пушачи во 2023 година, а според националните податоци, во 2025 година стапката паднала под 5%, што ја прави единствена земја што го достигнала европскиот праг за 2040 година.

На почетокот од листата се Бугарија (37%), Грција (36%) и Хрватска (35%), каде пушењето останува длабоко вкоренето во секојдневието. Просекот на пушачи во ЕУ изнесува 24%, што покажува умерен напредок во однос на претходните години.

„Бугарија и Грција се земјите со највисока стапка на пушачи во Европската Унија, покажуваат податоците на Евростат за 2023 година. Според статистиката, 37 отсто од населението во Бугарија и 36 отсто во Грција редовно пушат, што ги става на врвот на листата меѓу земјите-членки на Унијата.

Веднаш зад нив се Хрватска со 35 проценти, Романија со 34 и Летонија со 33 проценти пушачи. Австрија исто така бележи висока стапка од 32 проценти.

Просекот на Европската Унија изнесува 24 проценти, а истото ниво го имаат и Германија, Шпанија, Италија и Словенија. Под европскиот просек се Белгија и Португалија со по 21 процент, Луксембург со 19 и Ирска со 16 проценти.

Најниска стапка на пушење е регистрирана во Шведска, каде што само осум проценти од населението користи цигари. Следуваат Холандија со 11 проценти, Данска со 14 и Финска со 15 проценти.

Европската Унија има поставено цел до 2040 година стапката на пушење да се намали на пет проценти од населението. Според забелешката во податоците, Шведска веќе во 2025 година станала првата земја-членка што го достигнала овој праг според најновите национални податоци.

Статистиката се однесува исклучиво на пушење цигари и не ги вклучува другите тутунски производи, како електронските цигари и снусот. Извор на податоците е Евростат“, се наведува во Извештајот на Европскиот парламент.

Европскиот парламент ја поздрави Шведска како пример за успешна контрола на тутунот, благодарение на високите даноци, ограничувањето на рекламирањето и промоцијата на бездимни алтернативи.

Истовремено, земјите од Југоисточна Европа се соочуваат со предизвици во спроведувањето на мерките и културните навики кои го отежнуваат намалувањето на пушењето.