Братислав ДИМИТРОВ за МИА
„Во животот има две трагедии. Едната е кога нема да ја оствариш желбата на своето срце, а другата е кога ќе ја оствариш“, Џ.Б.Шо
Откако еднаш јавно кажав дека пишувам по нарачка, а по потреба одам и по куќи, не можам да навасам. Нарачки добивам од сите страни. Муштериите (читателите) најчесто сакаат да читаат за актуелни настани. А тоа најчесто е криминал, црна хроника и трачеви, башка хороскоп. Јас повеќе сакам да пишувам за минатото. Не е тоа некој мој каприц, екстраваганција, а уште помалку носталгија.
Едноставно се враќам таму каде што можам да се вратам. Еден мој колега пензионер, тврди дека минатото било убаво затоа што тогаш сè уште не било минато. Добро. Еднаш тргнав и кон иднината ама се пишманив, откако сфатив дека патот кон неа води низ сегашноста. А таа пустата ме нервира. Во сегашноста сите сакаат да остават трага. Малкумина се прашуваат дали таа трага е од кондура или од мозок.
А што се однесува до темите и тука нема разбирачка. За мене најголем криминал е недостаток на љубов, другарство, емпатија и солидарност. Имам замерки и за црните хроники. Во нив никогаш не се пишува за едно од најголемите злосторства на денешницава, луѓе кои ги изневеруваат своите идеали. Таквите ладнокрвни убијци, утре уште полесно ќе убиваат и сè друго. Во медиумите се појавува кој ќе стигне. А главно стигаат истите „лепотани“. Го гледаш завалијата и не ти се верува. Има фаца на чувар на плажа во зимски период, а се доживува во множина. Зборува за себе во трето лице еднина!? Преземал манир кој низ вековите е дозволен само за принцови, кралеви и цареви. Реално. Денес тој е крал, цар или минимум принц.
Од сите информации хороскопот го сметав за најточен, ама и тој ме изневери. За љубов ми пишуваше „страствени врски и авантури“, Боже ме прости. За кариера ми гарантираше успеси после кои нема да разговарам ни сам со себе, а камоли со остатокот на светот. За здравје шкртнал само една реченица: повеќе течности. И само ова последново ми се оствари. Ми се случи алкохолна хаварија, дури и мојата сенка бегаше од мене. Со носталгија се сеќавав на една изјава: „Не си пијан ако можеш да лежиш на подот без да се држиш за нешто“. И трачевите одамна не се тоа што беа. Денес трач е кога дечко и девојка искрено ќе се засакаат, ќе направат свадба и среќно ќе живеат до крајот на животот. А најголемиот трач е кога некој нема да украде ништо.
Цел живот слушам за проблемите на тутунот и оризовата арпа. Дојде капитализмот и сите зборуваат за „инвестиции“. Само да прашам. Кога, каде и колку емоции сте инвестирале во некого или во нешто? Нема услови? Одговорот не е точен. Таквите инвестиции не се забранети ниту во најстрашните војни, катаклизми и несреќи. Напротив. Тогаш и најмногу се потребни. Затоа денес разликата помеѓу уличните контејнери и телевизиските вести се сведува само на фактот дека вториве имаат тон. Кога ќе го погледнеш фејсбукот, порнографијата заличува на детска литература.
Тука завршувам со моето намќорско пишување.
Во животот, фала на прашање, има и такви моменти кога човек сака да биде сам. Такви се и овие моменти. А човекот сум јас. Денес е сабота 15 житар (август) 1970 година, ден кога е извршен пренос на моштите на св. архиѓакон Стефан. Ич не сум светец, ама тоа не ми пречи да ги пренесам моите екстремитети на балкон. Ги пренесувам. На балкон сум. Вежбам литерарни погледи кон природата. Дедо Господ го истура најскапоценото сребро и злато на околните сртови, ќерамиди, дворови и срца, особено срца. Таа дамнешна година, едно парче небо падна како бидермаер во нашето маало. Цела ноќ никој не спиеше. Утредента требаше да славиме матурска вечер. Ја прославивме. И за жал, станавме полнолетни. Со мов под носовите (најава за мустачиња) се истегнавме како ластегарки. На радост на нашите родители и голема жалост на детската галантерија.
Откако до максимум ги искористивме сите погодности што несебично ги пружаа удобните топлинки во тегет и браон варијанта, плус карирани, се постави прашањето што понатаму? Наце мислеше дека крајно време е ние и Русите да ја нападнеме Америка. Цанко Курбла строго реагираше: „Ја мислам дека не е фер двајца да напаѓаме еден“. А Пеце мислеше дека дропките ги измислиле садисти. Ице не мислеше ама баш ништо, што многу години подоцна му се призна како докторат.
Социјалистичката чевларска индустрија добро се држеше во трите годишни времиња. Цокули, каљачи и војнички чизми, ама сезоната лето не успеа да ја реши во многу петолетки. Еден ден на корзо се појави Мишел со обувки кои за нас беа недостапни уште долго време. Стоиме собрани во круг и долго во тишина гледаме во неговите копита. Ова не е ниту метафора ниту жаргон. Мишел, ние го викавме Митре, имаше нозе од кои би се откажал и просечен нилски коњ. Добро, малку претерувам заради завист. Додека ние одевме боси и во патики без никаква вентилација, џукелата лесен како перце вообразено шеташе наоколу, во нашата беспомошна близина.
Тогаш направи сефте, за прв пат фати женска. Затоа што првите апостолки во тоа време, беа како што беше првиот џип во подоцнежниот социјалистички капитализам или обратно. Ова со апостолките го напишавме за потребите на завршната сцена, за која е потребно и малку трпение.
Јас како и повеќето копиљаци од Тафталиџе, мислев дека освен водата во Вардар, Треска и пумпите во нашите дворови, нема друга вода. Беше тоа време кога „кент“ пушеа само Стане Доланц, Американците и нашиот другар Љупчо Тошев-Гајга, внук на Пере Тошев. Останатите бираа помеѓу „драва“, „дрина“, „Филтер Југославија“ и „нишка морава“ без филтер. Кога татко ми ќе ставеше половина цигара во својата муштикла од тоа „моравата“, знаевме дека крои големи планови. Последниот пат купи точак „рог-контраш“ и по едно шише „кокта“ и „синалко“ за частење. Овој пат нè однесе цели седум дена во Охрид, да го видиме и тоа чудо. Стоиме до езерото, мама Даринка, тато Иван, дада Драгица и јас. Зацапани во долга тишина, гледаме и никако да се изнагледаме. Пред нас едно водиште кое не може да се пресмета со множење на сите пумпи во Скопје и бунари до Зрзе. Над нас сребрени галеби везат гоблени на синиот небесен сомот, а долу, нашите боси нозе сите во апостолки со исечени нокти, кој колку стигнал.
Откако помина една цела вечност во меркање помеѓу нас и бескрајните свили на водата, силно се извикав: „Од каде олку вода се собрало да му се сневиди!?“ Никој не знаеше да одговори и тоа беше еден од највозбудливите денови во нашите животи. Во меѓувреме сум шлапкал во многу езера, мориња, океани и разни други бари, но никогаш не успеав да се сретнам со големата вода што ја видов кога бев копиљ. Со гланц нови апостолки, шест години, полни џебови со џамлии и карамели.
И додека дремам како мисир над последните парталчиња на денот, донесувам конечна одлука. Ќе дадам половина од мојот живот, само за да можам барем уште еднаш да ја видам како тогаш таа голема тајна.
Ете. Тоа е.




