Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска во Стопанската комора на Македонија одржа презентација на тема „Електронски услуги за бизнисот“, на средба со претседателот на Комората, г. Азески, и претставници на бизнис-заедницата.

Во фокусот беа можностите за приклучување на компаниите на Националниот портал за електронски услуги, uslugi.gov.mk, услугите што најчесто ги користат и можностите за поддршка за инвестиции. Министерот ги претстави и партнерските проекти што им помагаат на компаниите во процесот на дигитална трансформација.

„Денеска во Стопанската комора разговараме за дигиталната трансформација на бизнис-секторот и можностите што ги нуди порталот uslugi.gov.mk, но и нашите партнерски проекти преку ИНО-ФЕИТ ЕДИХ и ДИГИТ-МАК, кои нудат анализа на состојбите и тестирање пред инвестирање за сите компании од приватниот сектор“, истакна Андоновски во изјавата за медиумите.

Министерот нагласи дека директниот дијалог со компаниите е важен за да се утврдат нивните потреби и да се преземат конкретни чекори за надминување на предизвиците во дигитализацијата.

„Се надевам дека приватниот сектор ќе ја искористи можноста. Истовремено, и ние имаме можност да ги слушнеме предизвиците со кои се соочуваат компаниите во Македонија, потребите што ги имаат и што е она што треба заедно да го направиме за да ги постигнеме потребните резултати“, посочи Андоновски.

Како конкретен чекор од соработката, министерот најави формирање заедничка работна група со Стопанската комора.

„Со претседателот на Стопанската комора и неговиот тим донесовме одлука да создадеме една работна група која технички ќе работи на решавање на предизвиците на бизнис-секторот што се однесуваат на дигитализацијата“, изјави Андоновски.

Претставниците на бизнис-заедницата ги споделија своите искуства, забелешки и предлози за користењето на електронските услуги и изразија благодарност за соработката и институционалната поддршка. Во дискусијата беа разгледани можностите за унапредување на услугите и поедноставување на административните постапки, со цел компаниите да трошат помалку време на шалтери, а повеќе да се посветат на своето работење и развој.

Министерот Андоновски утринава учествуваше и на панел-дискусија на ИНОФЕИТ ЕДИХ, посветена на поддршката за дигитална трансформација на компаниите, каде што ја потврди определбата на Владата за натамошна поддршка на дигиталните иновациски хабови.