Тренерот на Барселона Ханси Флик не го криеше разочарувањето од прикажаното на теренот, посочувајќи го недостатокот на свежина и енергија кај неговите фудбалери.

„Изостана свежина во нашата игра. Не бевме 100% енергетски подготвени на теренот, тоа е реалноста. Ова е наш прв пораз во Примера по девет последователни победи, но такви работи се случуваат. Во вакви големи натпревари деталите се од клучно значење, а денес тие не беа на наша страна. Не сум задоволен со нашата игра. Во првото полувреме ни недостасуваше флуидност. Во второто заигравме подобро и му создававме проблеми на противникот, но доцна примениот гол за 1-2 нè пресече“, изјави германскиот стратег.

Флик смета дека Барселона мора брзо да го остави поразот зад себе и да се фокусира на следните предизвици. Според него, одморот и анализата на направените грешки ќе бидат од клучно значење за тимот да се врати на посакуваното ниво.

„Сега најважно е како ќе реагираме. Мораме добро да се одмориме, да анализираме каде погрешивме и да се вратиме уште посилни“, порача тренерот на Барселона.