Боливискиот министер за одбрана Марсело Салинас поднесе оставка, објавија британските медиуми. Оставката дојде по неколку недели социјални немири и масовни протести, при што демонстрантите од минатиот месец ги блокираа улиците во поголемите градови.

За нов министер за одбрана е именуван Ернесто Јустинијано.

Антивладините протести, организирани од синдикати и групи лојални на поранешниот левичарски претседател Ево Моралес, ги парализираа синџирите на снабдување. Демонстрантите бараат оставка од центристичкиот претседател Родриго Паз, кој ја презеде функцијата во ноември 2025 година, со што заврши речиси две децении левичарско владеење.

Паз минатата недела презеде чекори за прогласување вонредна состојба во земјата, што ќе овозможи распоредување на армијата за враќање на јавниот ред.

Демонстрантите бараат владата да ги повлече мерките за штедење и да преземе мерки против растечките трошоци за живот.

Конфликтот започна во мај со штрајк на работниците што ескалираше во блокади на автопатиштата, прекинувајќи го пристапот до соседните градови Ла Паз и Ел Алто, во кои заедно живеат околу два милиона лица.