Дигитализацијата, вештачката интелигенција и паметните енергетски системи ќе имаат клучна улога во создавањето сигурен, одржлив и конкурентен енергетски сектор, порача министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска на настанот „Дигитализација и иновации за сигурна и одржлива енергетска транзиција“, организиран од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини во соработка со Машинскиот факултет – Скопје и во партнерство со Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ).
Настанот обедини претставници на академската заедница, енергетските компании, ИТ секторот и институциите, во заедничка дискусија за улогата на современите технологии во енергетската трансформација на државата и регионот.
Во своето обраќање министерката Божиновска истакна дека енергетската транзиција денес не претставува само замена на традиционалните извори на енергија со обновливи извори, туку длабока трансформација на целиот енергетски систем.
„Дигиталните технологии, автоматизацијата, анализата на податоци и вештачката интелигенција стануваат неопходен предуслов за создавање модерен, ефикасен и отпорен енергетски систем. Но, ако има еден ресурс што е поважен од секоја технологија, инфраструктура или инвестиција, тоа се луѓето. Најголемиот капитал на една држава е знаењето“, нагласи Божиновска.

Таа посочи дека Македонија е цврсто определена кон изградба на одржлив енергетски сектор кој ќе обезбеди сигурно снабдување со енергија, ќе ја зајакне конкурентноста на економијата и ќе придонесе за исполнување на климатските и европските обврски на државата.
Во рамки на панел-дискусијата „Од иновација до имплементација: дигитални и инженериски решенија за сигурна енергетска транзиција“, министерката истакна дека Македонија денес поминува низ една од најзначајните трансформации во својата енергетска историја.
„Нашата цел не е само да ги следиме европските трендови, туку активно да се позиционираме како земја која создава услови за модерна, одржлива и конкурентна енергетика. Во последните години значително се зголемија капацитетите од сонце и ветер, а интересот на инвеститорите продолжува да расте. Тоа е доказ дека Македонија станува препознатлива како сигурна дестинација за инвестиции во чиста енергија“, истакна Божиновска.
Таа нагласи дека следната фаза од транзицијата подразбира многу повеќе од изградба на нови производствени капацитети.
„Вистинскиот предизвик е интеграцијата на обновливите извори во електроенергетскиот систем. Затоа фокусот денес е ставен на батериските системи за складирање на енергија, паметните мрежи, дигитализацијата и модернизацијата на инфраструктурата“, рече Божиновска.
Осврнувајќи се на законските реформи, Божиновска посочи дека новиот Закон за енергетика претставува историски чекор со кој државата добива современа регулаторна рамка усогласена со европското законодавство.
„Законот отвора простор за развој на батериски системи за складирање на енергија, паметни мрежи, дигитални услуги, активни потрошувачи и енергетски заедници. Во тек е подготовка на подзаконските акти кои ќе овозможат целосна имплементација на овие решенија“, истакна таа.
Говорејќи за предизвиците со кои се соочува енергетскиот систем, министерката нагласи дека државата паралелно работи на зголемување на домашното производство на електрична енергија, модернизација на преносната и дистрибутивната мрежа и зајакнување на регионалната енергетска поврзаност.
„Голем дел од инфраструктурата е изградена пред повеќе децении и потребни се сериозни инвестиции за да може системот безбедно да ги прифати новите производствени капацитети. Паметните мерни уреди, напредните системи за управување со мрежата и новите дигитални технологии ќе имаат клучна улога во одржувањето на стабилноста и сигурноста на снабдувањето“, рече Божиновска.
Таа потсети и на стратешките инфраструктурни проекти што се реализираат, меѓу кои интерконекторот за природен гас со Грција и електроенергетската интерконекција Битола – Елбасан со Албанија, кои ќе придонесат за поголема енергетска безбедност, диверзификација на изворите и подобра интеграција на регионалниот енергетски пазар.
Посебен акцент беше ставен и на улогата на образованието, науката и развојот на човечкиот капитал.
„Иднината на енергетиката ќе ја водат луѓе кои подеднакво ги разбираат инженерството, дигиталните технологии и потребите на современото општество. Затоа инвестициите во знаење се инвестиции со најголем поврат. Токму младите инженери, истражувачи и иноватори ќе бидат носители на енергетската трансформација во наредните децении“, порача Божиновска.
Учесниците на настанот се согласија дека дигитализацијата повеќе не е избор, туку предуслов за успешна енергетска транзиција, а соработката меѓу институциите, академската заедница, енергетскиот и ИТ секторот ќе биде клучна за создавање сигурен, отпорен и конкурентен енергетски систем подготвен за предизвиците на иднината.




