Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го оцени изборот на Македонија за членка на Економскиот и социјален совет на Обединетите нации (ЕКОСОК) како значаен дипломатски успех и потврда за довербата што меѓународната заедница ја има во државата.
– Овој успех е резултат на повеќеслојна, принципиелна и активна надворешна политика што се води со доследност, решителност и визија. Особено ме радува што нашите долгогодишни дипломатски напори и активности за обезбедување поддршка вродија со плод, како и фактот дека бројните странски пријатели и соговорници со кои имав можност да се сретнам во различни прилики ги исполнија своите дадени ветувања, напиша Сиљановска-Давкова во објава на Фејсбук.

Според неа, во период кога воспоставениот меѓународен поредок минува низ длабоки промени, а глобалната сцена е обележана со неизвесности и сè покомплексни предизвици, изборот во едно толку важно тело на Обединетите нации има особено значење.
– Овој резултат ја одразува довербата на меѓународната заедница во конструктивната улога на нашата држава, нејзината посветеност на мултилатерализмот и нејзината способност суштински да придонесува кон решавањето на глобалните економски и социјални предизвици, истакна претседателката.
Таа додаде дека како членка на EКОСОК, Македонија ќе продолжи да ги промовира дијалогот, соработката, одржливиот развој и инклузивниот просперитет, работејќи заедно со сите партнери во насока на зајакнување на ефикасноста и кредибилитетот на мултилатералниот систем.
Овој избор, како што посочи Сиљановска-Давкова, уште еднаш потврди дека нашата држава е почитуван, доверлив и влијателен чинител на меѓународната сцена и го докажа сè поголемото признание што го ужива нашата принципиелна и проактивна дипломатија.
-Наместо бесмислени и непринципиелни надворешнополитички авантури, како и досега, ќе продолжам да водам хумана надворешна политика која во своето средиште ги става човечкото достоинство и интересите на нашата држава, а истовремено се залага за почитување на правата на македонското малцинство, согласно меѓународните и европските акти, нагласи претседателката Сиљановска-Давкова.
Фото: Архива, принтскрин




