Братислав ДИМИТРОВ
Многупати се обидував да ја напишам оваа приказна и уште повеќепати се откажував. Така е тоа во чудесната мистерија, народски наречена живот. Најдобрата музика најретко ја слушаме. Причината е едноставна и сурова. Не можеме толку често да бидеме на нивото на нејзината убавина. А кога понекогаш ќе успееме, возбудата набргу се распрснува како меур од… Мислам дека беше сапуница. И луѓето што ни се многу драги сè поретко ги гледаме. Нашата потсвест љубоморно ја чува убавата слика за нив. Секоја нова средба е ризик и неизвесност. Така е тоа и во литературата. Најубавите приказни се тие што никогаш не се напишани. Во младоста бараме совршена љубов, а подоцна доволно е да најдеме некој што не ни го крие далечинскиот управувач. Па што? Јас сум пензиониран љубовџија, ама никогаш нема да се откажам од старомодните љубовни приказни.
На 21 златец (јули) 1968 година, точно во 19 часот, пред „Ловец“ првпат звaнично се сретнаа Наце и Севда. Откако свртеле 156 круга на корзо, седнале капнати на кејот покрај Вардар за да одморат малку нозе и душа. Тука на ист трошок романтичареле некое време. А тоа во пракса значи дека кљамчеле во тишина и зјапале во тоа мутлакот вода, како Хераклит. Не знаеле што да кажат, заради големата трема од првиот состанок. Откако протекле неколку Вардари под Камени мост, Наце машки пресекол: „Севдо, станувај! Да се освежиме малку!“
Еве ги. Чекорат по врелиот асфалт како по табла со јајца. Срцата им чукаат во ист ритам и блуз. Летото е питомо и простодушно, како штотуку родено јагне. Небото над Скопје е тиркизно и широко како шапката на една принцеза… не ми текнува која. Влегуваат во елитната слаткарница позната по прекарот „Кај трујачот“. Пред нив се две средни бози со две топчиња сладолед. Седат и се гледаат. Без да трепнат. И како што топчињата сладолед тонат во бозата, така Наце потонува во сините очи на Севда. Се раѓа љубов на прв, втор и секој друг поглед.
Според тогашните дострели на естетиката, бенката беше „знак на лепота“. Иако Наце заради својот изглед можеше на суд да бара оштета од своите родители, Севда се загледа во неговата бемка како во икона. И кога газдата најави фајронт, Наце се исфрли со оргинален предлог: „Сакаш да прошетаме малку до парк?“ Севда се буди од љубовната анестезија, пошто неговиот саат марка „Дарвил“ плус дата, покажа 9 часот и 30 минути!
И додека таа смислува оправдување за 30 минути задоцнување, Наце, испраќајќи ја накај дома, се помирува со класичната процедура, која е премногу бавна и за најтрпеливите. Првата средба само за рака. Втората можно е бацување. На третата се обидуваш да провериш колку има во градникот. На четвртата средба повторно се обидуваш. Петтата вечер третпат се обидуваш и не успеваш. Ама обидот се важи како твој најголем љубовџиски напредок, според фудбалското маалско правило: „три корни – пенал“.
Што да ви кажам за Севда? Беше убава и во конкуренција со Мерилин Монро и Моника Белучи. И за разлика од овие двеве, нашата Севда ги учеше маалските девојчиња да плетат џемпери и да везат гоблени. А Наце имаше идеална фаца за на радио. Неговото тргнување со Севда сите ние го доживеавме како лична навреда. Како лош хумор на госпоѓата судбина која секогаш е на друга страна, каде што не сме ние. Најдобрите женски секогаш ги „онадуваат“ амбициозни и упорни копуци!
И таман кога Наце детално го пробуричкал градникот на Севда и договорил шетање во најтемниот дел на паркот познат како „трет дел“, добил позив за војска! Тоа војската со комунизмот знаеше да комплицира многу животи. Едните смислуваа милион трикчиња за да ја одбегнат. Другите што беа одбиени од воената комисија фаќаа милиони врски за да одат во војска! Епската традиција го наметна круцијалното прашање: „Ако не си способен за војска, како ќе бидеш способен за брак?“ Се сеќавам кога сите ургиравме за еден ожалостен Раца, кој беше одбиен како „неспособен“ заради својата висина, „метар и згазена шумска јагода“. Тие што не успеваа да издејствуваат ослободување од војска, додека седеа во „експресниот“ воз што се клатеше накај нивната касарна, ја пееја гласно славната химна: „Ој машино јебем ли ти пругу, што ме води у војничком кругу!“
Наце, како и повеќето, служењето воен рок го сметаше само како една рутинска етапа во животот. Факултет, војска, работа, женачка, деца… Дојде и тој ден. Тоа беше најмасовно и највесело испраќање во војска, од сосема разбирливи причини. Сите љубовни обиди во правец на Севда однапред беа осудени на пропаст. Севда го чекаше Наце пред порти и на прозорец како во старите народни приказни. Поминаа три години, Наце не се појави. Поминаа уште три години, Наце пак не се појави. Заборавив да ви кажам дека Наце беше заљублива природа. Уште на првиот „излазак у град“, пресоблечен у цивилка, седнал „Код коња“ (во центарот на Белград) и се загледал во првата шмизла како теле во шарена врата. И одма се заљубил!
Според преживеаните сведоци, архивската граѓа користена од неколку сочувани споменари и дневници, приказната продолжува вака: За да не ја гледаат нејзините најблиски како страда и се суши. И за да биде блиску до местото на нивната прва средба, Севда се преселува кај некоја 80-годишна баба (наводно „вештерка“) на најгорниот кат на кулата карши Зоолошката градина. Легендата понатаму раскажува дека на полн Месец и ѕвездено небо можело да се види како некоја женска сенка го надлетува паркот неколку круга, а потоа повторно слетува на својот балкон.
Според записникот на полицијата, изјавата на Наце гласи вака: „Поминував покрај кулата со жена ми и двете деца во правец накај Зоолошката градина. Во еден миг се слушна силен крик и една жена почна да лета… мислам да паѓа во нашиот правец… Според очевидците, кои се заколнаа во мајка, Севда долго време летала во воздухот над нивните глави, а потоа почнала бргу да паѓа кон врелиот асфалт…
Во истиот миг од некој подрум звуците на „Лед цепелин“ почнале да ги дерат топлата и меката мембрана на денот. Нејзините уши ги слушнале само воведните ноти на „Старвеј ту хевен“ и… толку. Ударот бил страшен. Наоколу се растуриле сите нејзини спомени, планови, кревки коски, убави соништа, вени, артерии и капилари… Нејзините тиркизни очи последни згаснале. И наместо крв, се разлеало бескрајно синило по околните тротоари, тревници и тараби. Луѓето ненавикнати на чуда панично се разбегале на сите страни. Останала Севда сама со својата смрт и со најтивката тишина на овој свет.
Тоа беше последниот лет на Севда.
МИА




