Јованка КЕПЕСКА

Ромскиот јазик е кодифициран  пред 46 години токму во Македонија со Ромската граматика од Круме Kепески и Шаип Јусуф, 1980 година, во издание на „Наша книга“ од Скопје. Првата Ромска граматика побуди големо светско внимание. Оттаму намерата на авторите на оваа граматика да создадат писмо и да напишат граматика за Ромите на подрачјето на Македонија, Косово и дел од Србија. На граматиката е додаден речник и тие се составени според народните говори: арлискиот, џамбаскиот и бургуџискиот кои, главно, се зборуваат во споменатите подрачја. Авторите сметаат дека од нив може да се создаде литературен јазик за овие Роми, како и за другите Роми што живеат во други земји од поранешната држава. Граматиката и речникот се предадени на 220 страници, на ромски јазик со наспореден македонски текст.

Се јавува и прашањето дотолку повеќе што дополнително, 1992 година, се јавува иницијатива да се направи кодификација на ромскиот јазик за Република Македонија. Постои предлог да се редуцира основата на писмото само врз арлискиот дијалект како „најзастапен“ во Македонија и дадени се кратки правописни упатства. Може да се постави во оваа прилика вкрстеното прашање дали за македонскиот јазик во деловите во кои тој живее треба да се изградува одделна кодификација од извршената во Република Македонија. Односно да се пренебрегне дека секоја кодификација произлегува научно и како таква е релевантна за македонскиот јазик во целост. Односно и кодификацијата која е извршена дали останува релевантна за ромскиот јазик воопшто? Ако таа почнува со оглед на територијата постојано се менува дали тогаш е и научно воспоставена?

Друго прашање е дали кодификацијата е неопходно да се акламира званично или поточно дали државата мора да ја номинира или поважно е да се установи научно? Да се потсетиме дека глаголицата, на пример, не била инаугурирана од некоја држава или од страна на власт. Но научно била издржана. Така, во ромскиот јазик ако научно е установена кодификацијата тогаш како таква единствено останува основа за развојот на ромскиот литературен јазик.

И на крајот, дали редуцираната кодификација само на писмото и на правописот, без граматиката и речниците, е вистински извршена кодификација? Ако знаеме кодификација е ососознавање на јазикот на ниво на законитости или норми, тогаш неприфатлива би останала таа само на нормирање на писмото и на правописот. Што е случат и во македонскиот јазик.

Во периодот се поставуваат ваквите прашања пред ромскиот народ кај нас. Во нивниот одговор приодот мора да биде научен!

Тоа што Ромите досега немале гласовно писмо ниту пак свој литературен јазик треба да се бара, според мислењата на некои научници-ромолози, во тоа што Ромите не се компактни односно не се населени само на една територија, туку се распрснати во помали или поголеми групи, во разни земји во Европа и во целиот свет. Од друга страна, нивниот јазик во допир со јазикот на на народот во кој живееле, претрпел големи измени, а има случаи, некои ромски племиња и сосема да го напуштат својот јазик примајќи го јазикот на народот со кој живееле со векови. Сепак, Ромите ги сочувале своите обичаи и духовниот живот преку усното предање. Својот богат фолклор го пренесувале по устен пат на идните генерации, а народните песни кои се одликуваат со изразита чуствителност, и преку музика во која вештина покажале и покажуваат и денес голема надареност.  Во Предговорот од авторите на Ромската граматиката се вели: „Одамна постоеше желбата кај Ромите да имаат свое писмо и книга од која ќе го учат својот јазик и на него ќе создаваат писмена култура.“ Но Ромите немале услови од доаѓањето од Индија и распрснувањето во Европа и во други земји во светот да создадат своја писмена култура. Благодарение на создадените услови по НОБ во нашата земја отпочна образованието на ромските деца во училиштата. Но бидејќи немаа свое писмо ниту литературен јазик тие учеа на јазикот кој е литературен во републиката во поранешната држава во која живееа. Авторите на Граматиката биле во дилема кои знаци да ги земат за обележување на гласовите што се слушаат кај Ромите во нашата земја; најпосле се одлучиле за латиницата, бидејќи има Роми и во европските земји каде што народите со кои живеат се служат со латиница. Главно, авторите се потрудиле да ги означат гласовите што се слушаат во арлискиот и џамбаскиот говор со кои денеска зборуваат најголем број Роми во Македонија, во Србија и на Косово. Тие даваат можност да бидат земени за основа за идниот литературен јазик на Ромите. Некои гласови во арлискиот и џамбаскиот говор за кои нема знаци во латинската азбука се означени со знаци што се создадени или се позајмени од кирилицата. Така, на пример, полугласот во овие говори кој се слуша како глас помеѓу о – а е обележен со „а“ со две точки над него. Има два вида х – h. Другите објаснувања се дадени за секој глас во овие ромски говори посебно споредувајќи ги гласовните особини напоредно со особините на сличен глас во македонскиот и српскохрватскиот јазик.

Ромите во својот јазик претрпеле влијание од други јазици. Така, додека претстојувале во Грција, тие примиле извесен број грчки зборови; во Романија романски зборови. Тие кога отишле во други земји ги задржале зборовите. Во Македонија Ромите примиле влијание од Македонците во поглед на зборови, но исто така и во јазичната структура.

Средишно место во потребата од кодификацијата на ромскиот јазик пред таа да се оствари со Ромската граматика беше долго поставуваното прашања дали има процес на создавање на народ кај Ромите или тие се само етнички групи. Или поточно дали има поврзаност во народ над која израснува јазикот за да може да биде тој искажан како литературен јазик, односно кодифициран, односно да се дојде до негови законитоски кои ќе бидат претставени и во Граматика. Се разбира, литературниот јазик е основата за да се изгради писменост, образование и култура. Оттаму да се отворат Граматиката која е остварена ја покажува поврзаноста врз која се гради продолжително јазикот и затоа таа е добра основа за изградба на ромскиот литературен јазик. Во една прилика во МАНУ на поставеното прашање со ваква содржина на академик Зузана Тополинска потврдно одговори академик Виктор Фридман кој исто така го проучувал ромскиот јазик.

Потребно е да се укаже дека, особено номадските Роми, се служеле одамна, а и денес се служат со некој вид писмо кое личи на рабуш или слично на идеографското писмо. Сепак, од група до група Роми, постои разлика во знаците што ги употребуваат во секојдневниот живот.

Денешното име Роми, со кое тие самите се викаат, се доведува во врска со името на индискиот бог и цар Рама. Дека потеклото на Ромите е од Индија, а не од некоја друга земја, го потврдува и јазикот на денешните Роми, кој е сличен со многу јазици што се говорати денеска во северозападниот дел на Индија. Тоа го потврдуваат многуте речиси идентични зборови во ромскиот, санскритот и хинди јазикот. Образувањето на зборовите во ромскиот јазик е слично со образувањето на санскритот и денешниот литературен хинди- јазик. Што се гледа од споредбата на зборовите.

И на крајот да кажеме дека денеска е поразјаснета ситуацијата за потеклото на Ромите. Според најновите научни истражувања се изведува заклучок дека Ромите дошле од Индија. Уште во почетокот на десеттиот век тие почнале да се селат во помали или поголеми групи – родови од планините на Памир во Северозападна Индија. Имено, во десетти век положбата на народите во Индија била мошне тешка. Царството на династијата Гупта се распаднало што го искористил авганистанскиот султан Махмуд Газневид (988- 1030) 17 пати да ја нападнал Индија, освојувајќи поголем дел од Индија. Притоа поголем дел од Индијците се преселиле кон јужните краишта на Индија. А Ромите од Пенџап и Памирската Висорамнина во неколку правци продираат кон Европа барајќи подобри услови на живот. Тие не дошле веднаш во Европа, туку останувале пократко или подолго во разни азиски земји. На балканскиот полуостров дошле од Блискиот Исток и Крит, а во текот на времето се распрснале и низ сите европски земји. Познат е нивниот номадски начин на живот. Ги има во Африка но и во Америка и во Австралија. На Балканскиот полуостров дошле во 14 век во Грција, Романија, Југославија, Бугарија и Албанија. Во целиот свет ги има околу 12 милиони.

За нејасноста на потеклото на Ромите придонесуваат и имињата со кои ги именуваат народите меѓу кои живеат. Така, на пример, на Балканскиот Полуостров, а и во други европски земји ги викаат обично Еѓупци или скратено Ѓупци или пак ги викаат Цигани. Според името Еѓупци доскоро во науката се мислеше дека Ромите се по потекло од Египет. Со името Цигани Ромите, давајќи го, сакале да го прикријат името Ром или Циганин, и со тоа да си го спасат животот во различни случаи. Името Цигани научно се доведува во врска со името Чандра (индиски народ од Кашмир).

Постоат и други објаснувања во врска со именувањата на Ромите: Во Франција се нарекуваат Боеми затоа што се мисли дека името го добиле од Бохемија, името под кое е позната Чешка; тие носеле со себе документи дека се од Бохемија при преселувањето во Франција.