Министерството за надворешни работи и надворешна трговија најостро го осуди инцидентот што се случил денеска, при кој биле опожарени возила во сопственост на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје.
Од Министерството информираат дека Министерството за внатрешни работи веќе презема соодветни мерки за целосно расчистување на случајот и утврдување на сите околности поврзани со настанот.
-Министерството за надворешни работи и надворешна трговија дава целосна поддршка на надлежните институции во насока на брза, ефикасна и транспарентна истрага, со цел утврдување на одговорноста и соодветно санкционирање на сторителот, се наведува во соопштението.
Од МНРНТ потенцираат дека остануваат во комуникација со надлежните институции и внимателно го следат развојот на случајот.




