Светските првенства отсекогаш биле сцена на која се раѓаат нови фудбалски ѕвезди. Ако се суди според првите натпревари на Мундијалот 2026, едно име веќе силно одекнува низ светот на фудбалот – Ајуб Буади.

Само 18 години има младиот марокански играч за врска, а против Бразил одигра натпревар кој многумина веќе го нарекуваат ремек-дело. Во ремито на Мароко против еден од главните фаворити за титулата, Буади беше моторот на својот тим и човекот кој целосно ја контролираше играта на средината од теренот.

По неговата блескава партија, социјалните мрежи беа преплавени со пофалби, а бројни спортски медиуми го прогласија за најголемото откритие на досегашниот тек од шампионатот.

Буади не само што изгледаше како лидер на Мароко, туку и статистички беше еден од најдоминантните играчи на теренот. Со 91 процент успешни додавања, перфектен учинок во последната третина од теренот, шест освоени топки, девет добиени дуели и најмногу контакти со топката во својот тим, младиот играч за врска одигра натпревар каков што ретко се гледа од фудбалер кој штотуку наполнил 18 години. Впечатокот го заокружува и податокот дека ниту еднаш не беше надмудрен во ситуација еден на еден од противнички играч.

Токму овие бројки најдобро покажуваат зошто Бразил не успеа да го наметне својот препознатлив ритам и зошто Мароко изгледаше толку сигурно против еден од најсилните состави на турнирот.

Но, кој е всушност Ајуб Буади?

Младиот фудбалер е роден во Франција во 2007 година. Помина низ сите младински категории на француската репрезентација, но на крајот одлучи да настапува за Мароко, земјата од која потекнува неговото семејство.

На клупски план е член на Лил, каде веќе го привлекува вниманието на европските скаути. Сезонава настапи на 27 натпревари во сите конкуренции и постепено се наметнува како еден од најталентираните играчи во францускиот фудбал.

Според медиумите во Англија, Арсенал веќе подолго време го следи неговиот развој, а менаџерот Микел Артета е голем љубител на неговиот стил на игра.

По настапот против Бразил, интересот за Буади дополнително ќе порасне. Многумина веруваат дека ова лето би можело да биде пресвртно во неговата кариера и дека Лил ќе биде изложен на сериозни понуди од најголемите европски клубови.

Едно е сигурно – ако продолжи во ваков ритам, Ајуб Буади нема уште долго да биде тајна за пошироката фудбалска јавност.