Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на социјалната мрежа на Фејсбук објави видео со споредба „пред и после“, во кое се прикажани промените на повеќе локации во главниот град по неговото преземање на функцијата.

Во објавата се наведува дека Скопје предолго време се соочувало со запуштени јавни површини, нарушена хигиена и недоволно одржувана инфраструктура, а преку активностите што се реализираат на терен се работи на подобрување на изгледот и функционалноста на градот.

Видеото прикажува делови од Скопје кои претходно биле во занемарена состојба, а денес се чистат, уредуваат и реконструираат со цел создавање поквалитетна урбана средина за граѓаните.

-Преку посветена работа на терен се подобруваат условите за живот на граѓаните, се обновуваат запуштени локации и се создава почиста и поуредена урбана средина. Ова е процес кој бара време, труд и континуирана посветеност, но промените се веќе видливи. Скопје заслужува да биде чист, уреден и модерен град во кој граѓаните ќе се чувствуваат горди, пишува Ѓорѓиевски.

Тој нагласи дека целта е враќање на редот, функционалноста и достоинството на главниот град преку континуирани активности на терен и унапредување на јавниот простор.

„Затоа што го сакаме Скопје“, порача градоначалникот.