Семејството на Небојша Павковиќ, поранешен командант на Третата армија на Војската на Југославија и началник на ГШ, осуден на 22 години затвор за воени злосторства во Косово, поднесе тужба против НАТО затоа што Павковиќ наводно починал од труење од осиромашен ураниум што го користел НАТО во 1999 година за време на бомбардирањето врз СР Југославија.

Во 2009 година, Хашкиот трибунал го осуди Павковиќ за злосторства против човештвото, односно за депортација, убиства и прогон на Албанци во Косово, а тој ја отслужи казната во Финска. Во септември 2025 година, тој беше предвреме ослободен поради здравствени причини и се врати во Белград каде што почина на 20 октомври 2025 година, во Воено-медицинската академија, на 79-годишна возраст.

Адвокатот на семејството на Павковиќ, Срѓан Алексиќ, за таблоидот „Курир“ изјави дека акредитирана италијанска лабораторија потврдила дека во ткивото на Павковиќ открила присуство на „ураниум и неколку токсични метали во драматично зголемени концентрации, што е директна последица од бомбардирањето на НАТО“.
Алексиќ тврди дека Павковиќ добил два вида рак – на тироидна жлезда и на панкреас, со проценка дека „појавата на два или повеќе видови рак истовремено е типичен знак за осиромашен ураниум“.

„Таква идентична практика е забележана и кај италијанските војници кои престојувале во Косово и Метохија. Како командант…тој се движел низ целото Косово и Метохија и затоа бил изложен на екстремна контаминација“, изјави Алексиќ за „Курир“.

Тој адвокат тврди и дека „според истражувањето на престижниот Универзитет во Беркли“, количината и концентрацијата на контаминација на местата каде што бил фрлен осиромашен ураниум во Косово „е 300 пати поголема од количината и контаминацијата во Хирошима и Нагасаки“.

Според податоци на НАТО и подоцнежни истражувања на ОН биле употребени повеќе од 30.000 проектили со осиромашен ураниум, со вкупна тежина од околу 10 тони. Најмногу биле цел на напади делови од Косово и југот на Србија, особено областа околу Бујановац, Прешево и Врање, наведуваат српски медиуми.

Фото: Архива